Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Македонија за студиската 2025/2026 година.
Има вкупно 4.264 слободни места во сите студентски домови во земјата, од кои 851 се предвидени за студенти од прва година, а 3.413 за преостанатите.
Најголем број студенти е предвидено да се сместат во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, каде што има 1.212 легла, од кои 242 се за бруцоши, а преостанатите за студентите од повисоките студиски години.
Втор е домот „Пелагонија“ во Скопје, каде што има 997 слободни места, а по него следува „Кочо Рацин“ во Битола со 385 слободни места итн.
Кога се аплицира?
Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот e-uslugi.mon.gov.mk. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.
Рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години почнува од 15.7.2025 година и трае до 31.7.2025 година.
Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 10.9.2025 година и трае до 17.9.2025 година.
Кои документи ви се потребни?
Според конкурсот, студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот e-uslugi.mon.gov.mk и тоа:
1. Потврда за редовност во текот на студиите;
2. Уверение со бројот на предвидени и положени испити од претходните години;
3. Заверен образец УППИ;
4. Студентите запишани за првпат во I година потребно е да прикачат копија од дипломата за завршено средно образование и потврда за запишани редовни студии (или друг документ со кој ќе потврдат дека се примени на факултет);
5. Изјава за семејната положба на студентот, односно неговото потесно семејство;
6. Кандидатите-студенти без родители и родителска грижа (да имаат потврда од надлежен Центар за социјални грижи, потврда од домот каде што се згрижени или друга соодветна документација со која ќе докажат дека се деца без родители) и студенти кои се категоризирани како лица со посебни потреби (да имаат наод и мислење за видот и степенот на попреченост во физичкиот или психичкиот развој и специфичните потреби издадена од надлежна установа, а согласно Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој) со кој ќе го докажат нивниот статус;
7. Изјава за користење на личните податоци на кандидатот и неговото потесно семејство (родители-старатели, браќа, сестри), со која кандидатот се сложува Министерството за образование и наука по службена должност да ги обезбеди потребните документи од одредени институции со кои има склучено договори за соработка;
8. Изјава за идентичност на податоците;
9. Изјава од родител – старател за целосно подмирување на трошоците за сместување и исхрана во домот;
10. Потврди за остварена плата на вработените членови на семејството за месец jуни 2025 година или доколку за овој месец не е исплатена плата, да се достави потврда за последната исплатена плата (за родителите-старатели вработени во државни и јавните установи да се достави потврда за плата заверена од овластен орган, а за родителите-старатели вработени во приватни фирми да се достави потврда за плата како и заверена декларација за прием на платата); за пензионираните членови на семејството да се достави документ за висина на пензија-чек; за разведени родители да се достави доказ за разводот и доколку кандидатот прима алиментација истата да се прикаже како месечен приход, за корисниците на социјална помош да се прикачи последното решение или последен чек, за инвалидитет да се прикачи лекарска белешка, додека за членовите на потесното семејство (браќа/сестри на кандидатот), кои се ученици/студенти, се прикачува потврда од училиштето, односно факултетот или друга институција;
11. Министерството за образование и наука по службен пат, согласно потпишани договори за соработка, ќе ги обезбеди следните документи:
– Уверение од Управата за јавни приходи, за остварени приходи по разни основи за претходната година (приходи од самостојна дејност, приходи од вршење земјоделска дејност, приходи од имот и имотни права, приходи од капитал, капитални добивки, добивки од игри на среќа и други наградни игри, други приходи) за двајцата родители- старатели на кандидатот поединечно и за самиот кандидат;
– Потврда дека се невработени или примаат/не примаат паричен надоместок невработените членови на потесното семејство од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија;
– Извод на родени за брат/сестра под 6 годишна возраст, како и извод на умрените за починат родител од Управата за водење на матични книги;
– Уверение за државјанство на Република Северна Македонија од Министерството за внатрешни работи.
Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот e-uslugi.mon.gov.mk.
Кандидатите-студенти без родители и родителска грижа и студенти кои се лица со посебни потреби ги прикачуваат документите под реден број 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9.
Горенаведените документи се прикачуваат електронски и тоа почнувајќи од 15.7.2025 година до 31.7.2025 година, додека студентите од I година документите ги прикачуваат почнувајќи од 10.9.2025 година до 17.9.2025 година.
Кандидатите сo некомплетна документација нема да бидат рангирани, се потенцира во конкурсот.
Кога ќе бидат објавени списоците?
Конечниот список за прием на студентите од II година и повисоките години ќе се објави најдоцна до 6.9.2025 година на огласните табли во студентските домови каде конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството. Приговорите по резултатите се доставуваат во самиот дом каде што имаат аплицирано во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.
Конечниот список за прием на студенти од I година ќе биде објавен најдоцна до 30.09.2025 година на огласните табели во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството. Приговор по однос на резултатите се доставуваат во самиот дом каде што аплицирал студентот во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.
Кога е вселувањето?
Студентите може да се вселат почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој се примени, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список, стои во конкурсот.