Зад наодите за незаконско работење на претседателот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсоски, стојат државните институции задолжени за спроведување на законот, а не Олимпискиот комитет и нејзиниот претседател Даниел Димевски, соопшти попладнево Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Реакцијата доаѓа откако претходно денеска АМС ги демантираше наводите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за незаконско работење поврзано со ваучерскиот систем и обвини дека „преку тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции инспирирани од лукративни цели“, посочувајќи го притоа МОК и претседателот Димевски, „во јавноста биле изнесени куп невистини и погрешно утврдени факти за примената на Законот за спортот и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања, а се во функција на финансиска поддршка на македонскиот спортски систем“.
– Посочениот директор има проблем со конкретни наоди на Државниот завод за ревизија и следствено на наодите на ДКСК и Јавното обвинителство. Таму треба да го адресира своето соопштение и да се повика на својата презумција на невиност, која му е единствена опција во моментов – се наведува во одговорот на Димевски на демантот на Мојсоски.
Претседателот на МОК во својата реакција наведува дека првиот човек на АМС го свел функционирањето на ваучер системот на „пародија“ и „коруптивна распределба на средствата“, потфрлувајќи, притоа, целосно и во спроведувањето на негови најавувани проекти за развој на македонскиот спорт.
– Верувам дека многу спортисти и спортски субјекти видоа корист од мојата идеја за финансиска поддршка во спортот преку ваучерски систем, преточена во конкретна законска рамка без која денес скоро ниеден спортски субјект не може да опстои и да се развива. За жал, практикувањето на системот е сведен на проста, најчесто, коруптивна распределба на средства од страна на Мојсовски … Ова е само пародија на системот кој може и мора да функционира независно од волјата на директорот или кој било друг центар на моќ – посочува Димевски, додавајќи оти Мојсоски не реализирал ниту еден проект како претседател на АМС.
– Моето разочарување е плод на високите очекувања што ги имав од спортската легенда Наумче Мојсовски, кој како директор за жал целосно потфрли. Многу важни теми од спортот и силни негови ветувања останаа нечепнати. Не видовме ништо од пензиите за заслужните спортисти. Не видовме ниту нови спортски сали, базени уште помалку. И Домот на спортови го загубивме по пат, како што исчезнаа и новиот Закон за спорт и Стратегијата за спорт пет пати ветувана. Регистарот на активни спортски клубови не се направи а транспарентноста од страна на овластената државна институција е оценета како катастрофална – се наведува во реакцијата на Димевски, посакувајќи му, притоа, на Мојсоски „да се врати во спортот во друга функција различна од оваа која евидентно не е за него“.