Фото: „Нова Македонија“

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја на Блискиот Исток, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.

– Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови, а по потреба и со владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови – велат од МНР.

Од Министерството посочуваат дека во изминатиот период веќе било асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер кој преку Турција се вратил во Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно помогнало во координацијата и нивното заминување.

Од МНР нагласуваат дека безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет и дека во координација со пријателски земји и преку дипломатско-конзуларните претставништва се преземаат сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.