Министерството за надворешни работи соопшти дека со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година и остро реагира на употребата на терминот „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница.
-Техничките нерегуларности во начинот на реализација на истиот, на кои континуирано укажуваа македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на Пописот, но и во текот на неговата реализација резултираа со објава на прелиминарни податоци кои што за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на терминот „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница – стои во реакцијата на МНР.
Министерството воедно најави дека ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.
-Министерството во претстојниот период интензивно ќе соработува со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на Македонската заедница во Република Албанија во насока на нивна културна и социјална промоција во рамките на албанското општество, што за жал и повеќе од очигледно било целосно запоставено од страна на претходната политичка гарнитура во нашата држава. Сите отворени прашања меѓу две соседни држави треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно разбирање и почитување на правилата, принципите и вредностите на меѓународниот правен поредок – стои во соопштението од МНР.
Претставникот на македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу и членот на Комитетот за малцинства, Марјана Косотофски, вчера на презентирањето на пописните резултати од ИНСТАТ, демонстративно ја напуштиле салата откако не им бил даден одговор на прашањето зошто на прегледот за бројот на малцинствата за сите стои она што се, само за македонското стоело име на државата Северна Македонија, на албански јазик и „Северно Македонци“ на англиски јазик.
Поранешната директорка на ИНСТАТ, Инес Нурја, за Еуроњуз Албанија изјави дека бројките од пописот на населението се манипулирани, бидејќи вкупниот број на населението во земјата е помал. За манипулации со бројките претходно обвини и опозицијата во Албанија, како и претставниците на македонското, влашкото и грчкото малцинство, кои најавија дека не ги признаваат.