Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со внимание и загриженост ги следи случувањата во поширокиот регион на Блискиот Исток, оценувајќи дека тие имаат директно влијание врз регионалната и меѓународната стабилност.
Од Министерството посочуваат дека постојат обиди на Иран да таргетира повеќе држави во регионот, меѓу кои Израел, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Либан и Ирак, како и британската воена база на територијата на Република Кипар.
Поради тоа, повторно се апелира до сите државјани на Македонија да се воздржат од непотребни патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток.
Од МНР нагласуваат дека недвосмислено ги осудуваат сите напади врз пријателските и партнерските држави, оценувајќи дека повредата на суверенитетот и таргетирањето цивилни цели се неприфатливи и спротивни на основните принципи на меѓународното право.
Како што информираат, приоритет на Владата останува безбедноста и поддршката на македонските државјани кои се наоѓаат во регионот. Дипломатско-конзуларните претставништва се во континуирана комуникација со нив, а Министерството, во координација со амбасадите, разгледува повеќе можни сценарија за репатријација и евакуација, кои ќе бидат активирани кога тоа ќе го дозволат условите на терен и по повторно воспоставување на воздушниот сообраќај.

































