Анкетната е таа која ќе го каже последниот збор, а за работата на истата има интерес. Има интерес да се најде разрешница. Како прв човек на Комисијата нема да дозволам истата да стане парасуд или параобвинителство, ние бараме политичка одговорност, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која е и претседателка на Анкетната комисија за случајот „Онкологија“, на вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на телевизија „Алфа“.
Мизрахи информираше дека се знае точната бројка на лица кои ќе бидат испрашувани од Комисијата или 44 се на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, 27 лица се на предлог на СДСМ и еден на предлог на Левица. Таа укажа дека следен е Венко Филипче и оти доколку има можности во ист ден ќе биде и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити.
– Треба да се знае дека има добар одзив и дека некои предлози се поклопуваат, ама ќе направиме распоред за наредната недела. Секако еден од повиканите ќе биде и поранешниот директор Васев – кажа Мизрахи.
Како што и познато на јавноста, рече Мизрахи, досега беа министерот за здравство Беким Сали и за внатрешни работи Оливер Спасовски за кој рече дека е симптоматично зошто МВР молчело шест години.
– Мојот впечаток е дека Сали даде придонес и кажа зошто беше таква разрешницата со директорот Васев, но потоа беше и Сали разрешен што дава една сенка. Почнал да разрешува неправилности, па и тој бил разрешен. Спасовски пак спомена дека МВР имало интервенција во работата на Клиниката за онкологија, но Спасовски е шест години министер за внатрешни работи. За мене затаила функцијата на МВР, што правеше до септември 2023 година МВР. Зошто немало ништо од МВР, доколку постоел сомнеж МВР требало да ги стопира неправилностите во работата – рече Мизрахи.
Според неа, работата не е да ги оцрниме белите мантили бидејќи како што рече во здравството има и луѓе кои работат посветено.
– Заклучоците од Анкетната комисија ќе се достават до Собранието и кога ќе се усвојат треба да бидат и коректив за понатамошното работење како на оваа Клиника, така и воопшто – вели Мизрахи.
Таа посочи дека роковите прават притисок да се заврши работата, но и се добри затоа што не треба да се разводнува работата.
Претседателката на Анкетната комисија за случајот „Онкологија“ потенцираше дека во целата оваа работа важна улога имаат и други институции, не само клиниките или клиниката во случајов и министерството за здравство.
– Фондот за здравство исто е многу важен дел генерално во здравството, како и во овој случај, тука е и Агенцијата за лекови, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државната ревизија, која на пример во овој случај ни даде многу информации од типот дека се суспендирани сите контролни механизми – кажа Мизрахи.