Дебарско-кичевската епархија доби нов митрополит. Во Соборниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“ во Охрид, денеска со Божествена литургија со која чиноначалствуваше aрхиепскопот oхридски и македонски г.г. Стефан, архимандритот Георгиј беше хиротонисан за митрополит и устоличен на тронот на Дебарско-кичевската епархија.
Новоназначениот митрополит пред членовите на Светиот синод на Македонската православна црква, свештенството и верниците меѓу другото се завети дека работа според каноните на Светата црква, со најголема послушност ќе извршува она што му е заповедано имајќи ги предвид секогаш вистината и правдата.
-Сето тоа ќе го правам според мојата совест, без да робувам на лицемерноста и да бидам роб на страстите, но секогаш ќе го имам на ум единствениот Божји суд, со искрена љубов кон Бога и кон ближните…Се заколнувам со живиот Бог дека секогаш ќе ги имам на ум неговите зборови – проколнат да биде секој онај што нема да го извршува Божјото дело. И дека во сите работи поврзани со мојот позив како со дела Божји нема да бидам мрзлив туку ќе бидам вреден и ќе работам со сите мои сили… -рече меѓу другото митрополитот Георгиј.
Архиепскопот oхридски и македонски г.г. Стефан истакна дека „сите досегашни охридски светила со своите животи покажале оти епископот не е управител на земна институција, туку жртва светаденица која се принесува себе си за својот народ, дека е сведок за вечната вистина, татко на малите, глас на безгласните, дека е личност чија света должност е да го направи својот народ причесник божји“.
-Денеска добивме архиереј достоен на своите претци, пастир кој, како што некогаш Елисеј го беше зел кожувот на Илија за да ја продолжи на неговата служба, и тој ќе ги земе на себе добродетелите од своте блаженоупокоени претци и ќе го продолжи нивното свето село – рече г.г. Стефан.
Митрополитот Георгиј дојде на упразнетото место во Дебарско-кичевската епархија по упокојувањето на митрополитот Тимотеј во ноември минатата година.
Отец Георгиј беше единствен кандидат за таа висока црковна позиција, кој на празникот Педесетница доби ново унапредување во монашки чин – игумен на церемонијата одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Произведувањето го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Отец Георгиј, поранешниот декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 27 мај годинава, на 28 мај беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.
Митрополитот Георгиј е роден во Скопје во 1968 година. Завршил богословски студии во Скопје, а магистрирал и докторирал во Рим, на Папскиот универзитет „Грегоријана“. Има богато академско и црковно искуство, вклучувајќи и дипломатска служба како амбасадор на Македонија при Светата Столица. Автор е на неколку книги и научни трудови, а активно учествува во преведувачки и издавачки проекти на Светото писмо.
На хиротонисувањето во Соборниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“ во Охрид присуствуваа голем број црковнослужители, владици од целата земја, и верници, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за трансорт Александар Николовски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.