* Репликата е цитат од македонскиот игран филм „Трето полувреме“ на режисерот Дарко Митревски - Илустрација: Ласко Џуровски

Повод: Регистриран нов бран валкана онлајн пропагандна кампања за негација на македонски содржини

Покрај редовните пропагандни пораки, дезинформации и лажни вести, во изминатиов период може да се забележи и нова тенденција во нагорен тренд, која се манифестира со попречување на секое промовирање на македонските национални особености, јазик, историја, култура итн. Со овие намерно создадени пречки се соочува целото македонско општество, особено македонските медиуми, но и одредени поединци. Покрај постојаната појава на т.н. демонизирање на одредени јавни и општествени личности од Македонија, како што се истакнати научници, историчари, новинари…, сега може да се забележат и засилени вербални закани и притисоци. Овие закани и притисоци, како и намерното создавање пречки, особено се забележливи на социјалната мрежа Фејсбук, каде што „мистериозно“ започнаа да исчезнуваат објавите што содржат извадоци од документи, сведоштва, книги и сл., кои ги потврдуваат историските, јазичните и културните особености на македонскиот народ

Содржини на книги, документи или сведоштва што ги потврдуваат македонските особености веќе извесен период исчезнуваат од социјалната мрежа Фејсбук, без конкретно образложение. Згора, ниедна од отстранетите содржини не е спротивна на стандардите и правилата на Фејсбук, односно не шири говор на омраза, ниту е заканувачка. Ваквата негативна појава се должи на активностите на „добрососедски“ групации што целат одредени македонски корисници, односно нивни објави на социјалната мрежа, со намера да ги малтретираат, а со тоа и да ги демотивираат за понатамошна активност. Станува збор за стратегија со јасни пропагандни пораки и намери, чија цел е во што поголема мера да се спречи промоцијата на македонските национални особености, како што ни посочија наши соговорници упатени во проблемот. И во минатото можеа да се забележат слични притисоци, но сега ситуацијата е особено загрижувачка, бидејќи се испраќаат и директни закани.

Долгорочна пропагандна стратегија со нескриени тенденциозни намери

Македонското општество со децении е сведок на јасно определена пропаганда проследена со дезинформации и лажни вести. Овие активности се насочени кон разнебитување на македонската национална свест и манипулација со јавното мислење преку содржини на одредени портали, социјални и печатени медиуми. Целна група на овие активности претставуваат припадниците на македонскиот народ во Македонија, како и во соседните држави и пошироко.

Добро упатените во оваа проблематика нагласуваат дека станува збор за долгорочна пропагандна стратегија со нескриени тенденциозни пораки што лажно тврдат – нема македонски национални особености, македонската нација е вештачка творба, припадниците на македонскиот народ имаат бугарско етничко потекло…, велат нашите соговорници. Како карактеристичен пример за овие негативни појави може да се посочи семрежната енциклопедија Википедија каде што во бугарската јазична верзија Македонците беа преименувани во северномакедонци. Тука спаѓаат и постојаните обиди за промена на содржините на македонската јазична верзија, со намера да се рашири наратив дека Гоце Делчев или цар Самуил имаат бугарско етничко потекло.
Според нашите соговорници, покрај редовните пропагандни пораки, дезинформации и лажни вести, во изминатиов период може да се забележи и нова тенденција, која се манифестира со попречување на секое промовирање на македонските национални особености јазик, историја, култура итн. Со овие намерно создадени пречки се соочува целото македонско општество, особено македонските медиуми, но и одредени поединци. Покрај постојаната појава на т.н. демонизирање на одредени јавни и општествени личности од Македонија, како што се истакнати научници, историчари, новинари…, сега може да се забележат и засилени вербални закани и притисоци.
Како исчезнуваат содржините што ги потврдуваат особеностите на
македонскиот народ

Засилените вербални закани и притисоци, како и намерното создавање пречки, особено се забележливи на социјалната мрежа Фејсбук, каде што „мистериозно“ почнаа да исчезнуваат објавите што содржат извадоци од документи, сведоштва, книги и слично, а ги потврдуваат историските, јазичните и културните особености на македонскиот народ, велат нашите соговорници. Отстранувањето на овие содржини секогаш се случува преку злоупотреба на стандардите на Фејсбук, односно преку добивање извештај од трета страна дека содржината ги прекршува правилата на споменатата социјална мрежа.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

На Фејсбук постојат повеќемина поединци и групи што објавуваат содржини од македонската историја, но ситуацијата во последно време станува алармантна, земајќи ги предвид тешкотиите и притисоците со кои се соочуваат. Еден од нашите соговорници вели дека му ја избришале објавата на Фејсбук во која станувало збор за извадок од бугарски весник од 1907 година, во кој се најавува излегување на нов весник со името „Илинден“, чија уредувачка политика ќе бидат „македонските проблеми“ и кој ќе работи за „македонската кауза“.
– Ги изгубив текстот, адресата на весникот, весникот во фототипно издание, да ти е страв да напишеш статус. Ми го убиваат ентузијазмот – вели нашиот соговорник.

На прашањето зошто е отстранета објавата, ни беше пренесено дека нема точна квалификација, а објаснувањето за бришењето на содржината гласело дека авторот сакал да се стекне со позитивна реакција од корисниците, што е апсурдно, доколку се земе предвид дека речиси секој сака да добие внимание и популарност за објавите на социјалната мрежа Фејсбук.
– Не е првпат да ме пријавуваат, јас сум постојано предмет на пријави по различни основи, но ова е првпат Фејсбук да ме санкционира затоа што сум сакал популарност. Верувам дека ова се должи на поединци од Република Македонија, кои имаат бугарска пропагандна агенда, на кои им пречам поради моите објави за самобитноста на македонскиот народ – вели авторот на споменатата објава.

Фејсбук ги крие или ги отстранува содржините што се спротивни на стандардите на социјалната мрежа, кои дефинираат што е дозволено или што не е дозволено да се објавува. Овие стандарди се применуваат насекаде низ светот и за сите видови содржини, како што се голотија или друга сексуално сугестивна содржина, говор на омраза, закани или директни напади на поединец или група, содржини што содржат самоповредување или прекумерно насилство, како и лажни или измамнички профили. Според протоколот на Фејсбук, содржините се отстрануваат или се кријат, преку пријава од трета страна дека содржината што е објавена ги прекршува правилата и стандардите.

Добро упатените во оваа проблематика ни посочија дека станува збор за злоупотреба на стандардите на Фејсбук. Објавата што ние ја посочивме, а била отстранета, не ги прекршува стандардите и правилата на Фејсбук.
– Станува збор за содржина што се заснова врз непобитен факт, но ја прикажува македонската национална посебност. Тоа е причината за отстранувањето на објавата. Меѓутоа не станува збор за изолирана појава, туку за пропагандна активност што е насочена кон попречување на секоја манифестација на македонска национална свест и промоција на македонските историски и јазични особености. Во иднина очекувам овие активности да се засилат – вели еден од нашите соговорници.


Пропаганда, дезинформации и лажни вести

Изразите пропаганда, дезинформации и лажни вести честопати се преклопуваат по нивното значење. Овие изрази се користат за да се определат низа начини што предизвикуваат штета, намерно или ненамерно, а најчесто се поврзани со промовирањето одредена морална или политичка кауза. Најчесто станува збор за лажни информации што намерно се споделени и се во насока на предизвикување штета. Ниту еден од овие феномени не е нов, тие неодамна добија ново значење со широката достапност на софистицирани форми на информатичка и комуникациска технологија. Онлајн споделувањето текст, слики или видеа, на пример, овозможува информациите да станат вирални (да се рашират брзо на интернет) за неколку часа. Честопати дезинформациите и лажните вести се составен дел од една пропагандна стратегија, која има нескриени тенденциозни пораки, како што е бугарскиот екстремен лажен наратив за вештачкото создавање на македонската нација. Д.Ст.