Во насока на зајакнување на антикорупциските политики и активности во Македонија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска потпишаа Меморандум за разбирање.
Во рамки на овој договор, Мисијата ќе обезбеди помош за откривање и справување со ризиците од корупција, промовирање на антикорупциските политики засновани на докази и зајакнување на системот за интегритет во Македонија.
– Преку нашето партнерство со Комисијата, сакаме да ги зајакнеме превентивните механизми преку унапредување на соработката помеѓу институциите вклучени во борбата против корупцијата. Ние веруваме во правично општество каде што индивидуалниот интегритет и личните квалификации се единствените одлучувачки фактори – рече Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Договорот потпишан денеска се надоврзува на долгогодишната соработка помеѓу Мисијата и ДКСК. Мисијата помогна во воведувањето на новиот систем за интегритет преку новиот Закон за спречување на корупцијата, механизам кој обезбедува етичко однесување на носителите на функции, избраните претставници, како и административниот персонал во јавниот сектор.
– Во последните години, Мисијата на ОБСЕ во Скопје беше значаен партнер на Комисијата и другите национални тела во борбата против корупцијата. Верувам дека заедно можеме да придонесеме за намалување на корупцијата и враќање на довербата на граѓаните во институциите преку зајакнување на интегритетот и подобрување на националното законодавство – изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.