Министерството за одбрана издвојува повеќе од 32 отсто од буџетот за модернизација на Армијата што е многу повеќе од 20 проценти колку што бара НАТО, истакна денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски присуствував на вежбата „Seven Stars 25“ која се реализираше во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес каде се наоѓа командата на СЕЕБРИГ.
– Имаме повеќе договори за модернизација. Работиме да ги привршиме договорите за пристигнување на „страјкерите“ и се надеваме дека ќе стигнат до крајот на годинава каков што е договорот. Исто така, и другите возилата „JLTL“ коишто треба да стигнат оваа година согласно договор со САД. Оваа година завршува договорот со Турција и треба да стигне се она што е предвидено со нивниот договор, стигнуваат и ракетите „мистрал“, хаубици „боран“ од Турција – изјави Мисајловски во одговор на новинарско прашање.
Нагласи дека се прават напори да се реализира и договорот со „Леонардо“ за набавка на хеликоптери за кој има големи предизвици.
– Макотрпно работиме и ни помага компанија која можеби е еден од најдобрите правни консултанти во Европа за да ги надминеме сите правни предизвици што се случиле во минатото. Направени се многу грешки и договорот е потпишан набрзина. Правиме напори да ги отстраниме сите предизвици и хеликоптерите да стигнат следната година – потенцира Мисајловски.
Паралелно, како што кажа, се издвојуваат и најмногу средства за обновување на објекти во касарните, за обновување на објекти што се во подрачните единици, бидејќи има некои што се катастрофални.
– Во овој момент дел ги обновуваме, за дел бараме и нови локации, бидејќи на тој начин мора да ги подобриме условите на вработените. Започнуваме и постапки за обнова на униформите, обнова на она што е потребно за сите војници, за Армијата, нови чизми и гардиска униформа. Министерството целосно ќе обезбеди средства за се она што е потребно. После многу години не набавки на ваква основна опрема на Армијата тоа сега се случува. Не може во десет месеци се да се направи, но секојдневно ќе работиме сите заеднички за да ги подобриме условите – истакна Мисајловски.
Потсети дека Министерството во целост ги исплаќа средствата согласно колективниот договор и додаде дека за тоа се трошат многу сериозни пари од буџетот.
– Првпат во историја се исплаќа сѐ – посочи Мисајловски.
Министерот, кој присуствуваше на вежбата „Seven Stars 25“ во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, посочи дека развојот на интероперабилноста помеѓу земјите кои се дел од Бригадата на Југоисточна Европа, кои воедно и се земји-членки на НАТО, влијае врз зацврстувањето на безбедноста на регионот и колективната безбедност во Алијансата.
Мисајловски им честиташе на Командата на SEEBRIG и на сите учесници на вежбата за покажаниот врвен професионализам и високи стандарди во организација на една ваква комплексна вежба.
Теренската вежба ќе се одржи на Армискиот полигон Криволак.