Фото: Маја Јаневска-Илиева

Разликата е некаде 3:1, некаде е 6:1, 7:1, а има општини каде што е 10:1. Во некои општини СДСМ е трета партија. Досега веќе се одбраа градоналаници во Кисела Вода, во Охрид, во Радовиш, Во Гази Баба, во Пехчево, во Делчево, во Ѓорче Петров, во Прилеп, во Битола, во Берово, во Гевгелија, во Сопиште, во Штип, во Бутел, Аеродром, Јегуновце, во Вевчани и на многу други места, изјави вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.

– На прагот сме на убедлива победа во Струмица. Орце води убедливо во Скопје. Бројките ги собираме и сакаме да бидеме прецизни – рече Мисајловски.

За Центар коалицијата води, а за Тетово кажа дека Билал Касами од Вреди води 2:1. Во Карпош кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мисајловски, води убедливо, но најверојатно ќе има втор круг.

Според него, владејачката ВМРО-ДПМНЕ можеби ќе освои повеќе од 50 градоначалници.

И тој зборуваше за нерегуларности на кои посочува СДСМ, истакнувајќи дека разликата е толку огромна и убедлива што нема простор за ваквото алиби на СДСМ со кое сака да се оправда.

– Изворот и причините за својот дебакл треба да си го бараат во сопствените редови. Што се однесува за ДУИ, очигледно е дека се декласирани. Али има време да си го анализира својот пораз – рече Мисајловски.