Фото: Принтскрин

Од издадени над 1.100 лиценци, Министерството за транспорт досега изврши контрола на 643 лиценци согласно Законот за градење и урбанистичко планирање поради што кај 97 лиценци е констатирано дека по издавањето, правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои се издадени поради што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците – најави денеска министер за транспорт Александар Николоски.

Како што појасни на прес-конференција во Владата на 13 правни лица одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија, на 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија, на две правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија, на шест правни лица одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија, на три правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија, на 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија, на две правни лица одземена му е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија, на едно правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија, а на 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови.

– Министерството во моментов спроведува контрола на сите лиценци издадени согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Законите за контрола не се јасни и не се исклучиви и затоа контролата сега се прави врз основа на политичка одлука, а по завршувањето на постапките ќе следат законски измени со кои ќе има обврска на секои шест месеци да се врши контрола на се што е издадено од страна на институциите – рече Николоски.