Министерството за правда соопшти дека ги основа првите професионални одделенија на Комората за вештаци со што после долги години ќе се решат проблемите кои беа настанати заради нефункционалноста на Комората.
– Со донесување на новиот Закон за вештачење, обврска на Министерството за правда е да ги избере раководителите и замениците раководители на професионалните одделенија и по еден член од секое одделение како претставник во Основачкото Собрание на Комората. За таа цел, министерот за правда Кренар Лога основаше18 професионални одделенија кои ќе треба да го подобрат квалитетот на вештачењето, заштитата и унапредување на стручноста, следење на односот на вештаците кон општеството и граѓаните – се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Согласно Законот за вештачење, како што информираат од Министерството за правда, основани се професионални одделенија за вештачење од областа на архитектурата, криминалистиката и криминологијата, геодезијата, градежништвото, електротехниката, земјоделството, информатичките технологии, материјалното, сметководственото и финасиското работење, машинството, психијатиријата, шумарството, општата хирургија, ортопедијата и трауматологијата, сообраќајот, судската медицина, интелектуалната сопственост, безбедноста и здравјето при работа и професионалното одделение од областа на други области.