Министерството за здравство вечерва соопшти дека постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
– Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана – се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Претходно, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава изрази подготвеност да обезбеди медицинска поддршка и да прифати повредени пациенти. Изразена е и подготвеност доколку има потреба, македонски лекари специјалисти да бидат вклучени во лекувањето на пациентите.
Македонската амбасада во Швајцарија објави телефонски број на кој македонските граѓани може да се обратат во врска со трагичната несреќа.
– Амбасадата на Република Северна Македонија внимателно ги следи случувањата во Кран-Монтана и е во состојба на подготвеност да им пружи помош на своите државјани. Во случај на потреба од асистенција, ве молиме контактирајте го итниот број на Амбасадата: +41 79 923 79 57 – објави Амбасадата на Фејсбук.
Според последните податоци, во пожарот што избувна во бар во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана во текот на новогодишната ноќ загинаа околу 40 лица, а најмалку 115 се повредени.
































