Лидерот на ДУИ среде изборна кампања во Македонија замина на митинг за поддршка на екстремистичките команданти на ОВК
- Она што е повеќе од извесно е дека Ахмети во ниту еден момент не отстапи од реализацијата на „сецесионистичката изворна милитантна мисија“, која опфаќа доктрина на „бришење на границите што ги разделуваат браќата по крв“. Тој по потреба ги камуфлира големодржавните апетити зад европската идеја, за наводно обединување откако сите ќе влезат во ЕУ и на тој начин ќе паднеле границите. Но, од друга страна, поддршката што отворено ја упатува до водачите на УЧК и нападите што ги упатува кон Хашкиот трибунал говорат за нешто друго, дека остварувањето на целта зависи од поддршката што меѓусебно ќе си ја даваат „браќата по оружје“, а тоа не може никако поинаку да се протолкува отколку како реализација на ваквите идеи и со помош на сила
Во екот на предизборната кампања за локалните избори во земјава, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги напушти предизборните карвани на Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ, и реши да присуствува на „протестот за правда“ во Тирана, во знак на поддршка на четворицата поранешни водачи на косовската УЧК, на кои им се суди во Специјалниот трибунал во Хаг.
Бришење на границите што ги раздвојуваат „браќата по крв“!?
Првиот човек на интегративците го искористи присуството на митингот за поддршка и да се сретне со албанскиот претседател Бајрам Бегај, притоа порачувајќи преку социјалните мрежи дека средбата била искористена да се нагласи „важноста на отстранувањето на границите што ги разделуваат браќата од иста крв“.
– Во Тирана, пред почетокот на националниот протест „Правда за ослободителите“, бев пречекан на топла и братска средба од претседателот на Албанија, Бајрам Бегај. Му честитав на претседателот Бегај за напредокот на Албанија на нејзиниот пат кон европската интеграција, нагласувајќи дека е од животна важност и С. Македонија да оди покрај Албанија во овој процес. Патот до Брисел е национално стратегиско патување, кое ги зајакнува регионалниот мир, развој и соработка. Двете наши земји мора да одат една до друга кон заедничката европска иднина. На средбата ги нагласивме важноста на зајакнувањето на регионалната стабилност, забрзувањето на интеграцијата во Европската Унија и отстранувањето на границите што ги разделуваат браќата од иста крв, кои во обединета Европа треба да се трансформираат во мостови што ги обединуваат народите – наведе Ахмети преку Фејсбук.
Од своја страна, албанскиот претседател Бегај кусо дополни дека акцент во разговорите со Ахмети бил ставен на соработката меѓу Албанците во регионот.
– Со Али Ахмети разговаравме за праведната војна на УЧК, за поддршката што ја имаше и која ја има и натаму од Албанците и нашите западни сојузници. Разговаравме за поблиска соработка, за зголемувањето на улогата на албанскиот чинител во регионот, за вредниот придонес што го дава албанскиот чинител во регионот, како и за поддршката што Албанците насекаде во регионот му ја даваат на овој процес – напиша Бегај во својата објава на социјалните мрежи.
Отворени закани до Хашкиот трибунал
Напоредно со барањето за „бришење на границите“, еден ден пред протестите во Тирана, Али Ахмети му упати своевидна закана и предупредување на Хашкиот трибунал дека ќе избувне „сеалбански револт ако ги осуди водачите на косовската УЧК“.
– Никој нема да може да го контролира албанскиот револт ако Специјалниот суд во Хаг ги осуди Хашим Тачи и другите. Никој не може да даде гаранции, не можам ниту јас да гарантирам, оти може да има такви групи, кои можат да се соберат, за да го изразат својот револт, бидејќи тоа не е револт што некој може да го контролира – изјави лидерот на ДУИ, Ахмети.
Во интервју за албанската државна телевизија, минатиот петок челникот на ДУИ отиде и чекор понатаму, директно напаѓајќи го Хашкиот трибунал.
– Неуспешниот извештај на Дик Марти за „Жолтата куќа“ (во врска со трговијата со човечки органи – заб.ред.) ја смени агендата на Хашкото обвинителство, кое без факти и без аргументи го претвори тоа досие во криминално досие за водачите на косовската УЧК. Јас ги прегрнувам овие мажи, кои се бореа за слободата на Косово и за нашата албанска национална кауза. Сега целат нив да ги скршат – рече Ахмети за албанската државна телевизија.
Дел од регионалните медиуми се осврнаа на настаните и протестот во Тирана, со акцент на пораките упатени од страна на Ахмети.
– Големоалбанската идеја се буди повторно: сево ова го поттикна судењето на лидерите на УЧК. Од Тирана и Скопје доаѓа опасна најава за сеалбанска побуна. Ахмети, лидерот на ДУИ, најави неконтролирана реакција на албанскиот народ ако се осудат водачите на косовската УЧК со пресуда што се очекува до почетокот на 2026 година – пишуваат медиумите од регионот („Блиц“ – Србија).
Изданието коментира дека само во рок од два дена стигнале дури два предупредувачки сигнала дека прогласувањето на пресудата на водачите на ОВК на Косово пред судот во Хаг нема да помине без реакција.
– Првиот сигнал стигна од Албанија во вид на националистичкиот „сеалбански“ протест за поддршка, а сосема поинаквиот сигнал пристигна од С. Македонија, злокобна најава дека би можело да дојде до сеалбанска побуна ако водачите на УЧК бидат прогласени за виновни. Аналитичарите предупредуваат дека навестувањата за „востание“ треба да бидат сфатени сериозно – објави белградски „Блиц“ во својата неодамнешна статија.
Од своја страна, со контрарекација на написите во српските медиуми се јави и информативниот портал „Хибрид.инфо“ од Албанија, со толкување дека во изјавите на Бегај и Ахмети нема искажување големодржавни апетити.
– Протестот во Тирана и изјавите на Али Ахмети се поврзуваат без факти со „оживување на идејата за голема Албанија“. Во својот говор на протестот во Тирана, Ахмети не ја спомена идејата за „голема Албанија“. Во минатото, тој ја нарекуваше идејата за „голема Албанија“ руско-српска пропаганда. Во 2018 година, Ахмети кажа дека „не бидува националното обединување“ и оти „Албанците мора да ги зајакнат своите држави“ – наведува изданието.
Зошто Ахмети не ја напушта големоалбанската идеја?
Она што е повеќе од извесно е дека Ахмети во ниту еден момент не отстапи од реализацијата на „националната мисија“, која опфаќа бришење на границите што „ги разделуваат браќата по крв“. Тој по потреба ги камуфлира големодржавните апетити зад европската идеја, за наводно обединување откако сите ќе влезат во ЕУ и на тој начин ќе паднеле границите. Но, од друга страна, поддршката што отворено ја упатува до водачите на УЧК и нападите што ги упатува кон Хашкиот трибунал говорат за нешто друго, дека остварувањето на целта зависи од поддршката што меѓусебно ќе си ја дадат „браќата по оружје“, а тоа не може никако поинаку да се протолкува отколку како реализација на ваквите идеи и со помош на сила.
Али Ахмети во континуитет веќе со години бара „бришење на границите што ги разделуваат Албанците во Балканот“. Така, по повод 28 ноември, Денот на независноста на Албанија, во 2017 година истиот ден Али Ахмети има кажано отворено: „Патот на УЧК ќе заврши кога Албанците ќе живеат без граници“!
На 13 октомври 2025 година тој на нивниот предизборен митинг во скопско Студеничани ќе нагласи уште еднаш која е „мисијата“, кон која се стреми: „Нас, Албанците, нѐ има осум милиони… Сите заедно ќе бидеме во НАТО и ќе живееме без граници, ова е нашата мисија“.
Додека Ахмети пропагандно „ги прегрнува своите колеги – команданти од косовската УЧК“, сега тој и се застапува за „обединување на Албанците“ и „бришење на границите“ меѓу нив во „обединета Европа“, под „европско знаме“.
Не треба да се заборави дека во Втората светска војна борбата за истата „обединувачка идеја“ се водеше со поддршка на Адолф Хитлер и напоредно со неговите настојувања да ја воздигне тогашна фашистичка Германија, „обединувајќи ги сите германски територии во Третиот германски Рајх“. Која би била разликата меѓу стремежот на Ахмети за денешната можна „европеизирана голема Албанија“ од онаа „голема Албанија“ во времето на фашизмот од пред осум децении?!
Предупредувајќи на активираното сценарио за „голема Албанија“, кон која е замислено дека би бил припоен западниот дел на Македонија, историчарот Тодор Чепреганов за „Нова Македонија“ уште на 28 февруари 2023 година ќе нагласи:
„Албанците и Бугарите работат заедно на разнебитување на Македонија, и тоа токму во границите како што била поделена за време на Втората светска војна.“
А токму Ахмети на 24 септември годинава, обраќајќи се кон премиерот Христијан Мицкоски, се закани со поделба на Македонија на „албански и бугарски дел“, „ако таа не го продолжи патот кон ЕУ“?!
– Ако не го продолжи С. Македонија својот пат кон ЕУ, тогаш граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор, освен некои да одат со Албанија, а другите со Бугарија! – објави информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“ во својата вест со наслов „Али Ахмети: Ако Македонија не влезе во ЕУ, тогаш некои ќе бидеме со Бугарија, некои со Албанија“.
На 1 јули 2024 година, лидерот на ДУИ во сличен контекст ќе посочи: „Ако се разделиме од Албанија на патот кон ЕУ, тогаш Македонија ќе биде држава со два народа, едниот со бугарско, а вториот со албанско државјанство!“ Прашање е дали тој воопшто смета дека во Македонија има македонски народ со „свој македонски дел“ од македонската територија и со свое македонско државјанство?!
Сѐ на сѐ, дилема е зошто Али Ахмети сега максимално го „вжештува“ својот политички речник со напади кон Хашкиот трибунал и одбрана на челниците на некогашната косовска УЧК, но и зошто зачестува со барањата за „бришење на границите меѓу браќата од иста албанска крв“? Зошто тој дури влезе и во остар судир со Албин Курти, лидерот на косовската партија Ветвендосје (Самоопределување) и косовски премиер, но и со Сали Бериша, лидерот на Демократската партија на Албанија, напаѓајќи ги пред два дена „зошто не дошле на протестниот митинг“ во Тирана? Дали Ахмети, претчувствувајќи неславен крај на својата политичка кариера во Македонија сега повторно „ја облекува“ униформата како „врховен командант“ на УЧК од 2001 година само со цел „славното воено минато“ да го стави во функција на одложување на неговото инаку веќе започнато и сѐ позабрзано пропаѓање како политичар не само дома, во Македонија, туку и во Балканот? Ахмети е цел на тешки канонади од „политичка артилерија“ и од Косово и во Македонија дека, напротив, „го предал и го злоупотребил идеалот на УЧК“. Али Ахмети напаѓајќи го и Хашкиот трибунал само покажува дека го опфаќа страв и од негово можно седнување на обвинителна клупа исто така во Хаг, бидејќи веќе е побарано од Советот на Европа реактивирање на „Хашките предмети“ во Македонија, во кои самиот тој има и командна и можеби и некаква друга одговорност… Р.Н.М.