Владата на Кралството Шпанија дала техничка помош со грант од приближно еден милион евра, за консултантски и инженерски услуги за системот за одведување и третман на отпадни води за Охридското Езеро, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Ресорниот министер и прв вицепремиер Изет Меџити денеска на работен состанок со амбасадорот на Шпанија во нашата земја, Рафаел Соријано Ортиз, се заблагодарил за поддршката со грантот кој е во рамки на билатералната соработка со Кралството Шпанија.
Како што информира МЖСПП, Меџити на состанокот го информирал амбасадорот Ортиз за приоритетите на Владата и Министерството за животна средина и разговарале за можностите за забрзување на процесот на интеграција на нашата земја во Европската Унија.
-Меџити изјави дека нашите две пријателски земји имаат 30 години дипломатски односи, засновани на мултилатерална соработка и меѓусебно почитување, додека Шпанија спроведува европска политика која како суштинска компонента го има проширувањето на европското семејство со цел создавање заеднички простор на правила и вредности што ќе ја осигураат благосостојбата на нашите граѓани – се наведува во соопштението.