Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска денеска на прес конференција информираше дека годинашната средна оценка на матурата е 3,25 и како што потенцираше, иако е пониска од претходните години, сепак е одлична во однос на објективноста.
Таа напомена дека оценката од лани е 3,65, во 2022 година е 3,78, а во 2021 е 3,61. Ова, како што рече, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот е резултат на заострените мерки при полагањето кои биле преземени.
– Вкупно 14.834 пријавени кандидати на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата, заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците – додаде Михајловска.
Како што информираше, по мајчин јазик средната оценка е 3,37, за англиски јазик 3, 06, за француски јазик 4,47.
– Во однос на оценката и по мајчин јазик и по англиски јазик сметаме дека оваа година таа оценка е многу пореална од претходните години. Што се однесува до мерките што ги презедовме оваа година во однос на подобрување на условите за полагање во смисла на добивање на пообјективни резултати годинава имавме две мерки – големиот простор односно полагањето во училишните холови и во спортските сали на училиштата и прецизирање на казнените мерки и начинот на функционирање на тестаторите и на набљудувачите – рече Михајловска.