Фото: Фејсбук/Кирјакос Мицотакис

Почитувањето на Договорот од Преспа е неопходен предуслов за во некој момент да се отвори европски пат на соседната земја, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на прес конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ во Брисел и уште еднаш ја истакна потребата да се почитуваат меѓународните договори, јави дописничката на МИА од Атина.

На новинарско прашање дека премиерот Христијан Мицкоски во Брисел говорел за Македонци и Македонија, Мицотакис коментираше дека пред него, односно на Самитот и на состанокот на Европската народна партија, „го користеше официјалното и единственото име на земјата“.

-Сакам да нагласам, единственото име на државата, а тоа е Северна Македонија, кое во секој случај има обврска да го користи ерга омнес, односно и во внатрешноста на неговата земја. И вчера и денеска ја повторив потребата од апсолутно почитување на меѓународните договори. Нема да го повторам моето мислење за Договорот од Преспа. Имам кажано дека нашата земја е обврзана да го почитува, а подеднакво обврзана да го почитува е и соседната земја. И ова е очигледно неопходен, не доволен, туку сигурно неопходен предуслов за во некој момент да започне, суштински да се отвори нејзиниот европски пат – рече Мицотакис.