Започнати се консултации за повеќе амбасадорски места, за што ќе информираме во периодот што следи – изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали се започнати консултациите за нов амбасадор во Обединетите нации по оставката на амбасадорот и постојаниот претставник Љубомир Фрчкоски.
Во однос на актуелната дипломатска мрежа на земјава, Мицкоски рече дека има причина за незадоволството на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
– Кај нашиот стратешки партнер САД, во Амбасадата, имаме две вработени лица, а во Мисијата на ОБСЕ од две, имаме 12. Ако сме стратешки партнер со САД треба така и да се однесуваме. Не само да мавтаме со знамето, треба и со дела да покажеме дека навистина сме стратешки партнер – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на општина Петровец, каде присуствуваше на поставување на камен темелник за изградба на спортска сала.
Според Мицкоски, некој ја приватизирал и партизирал таа институција и сега веќе, како што нагласи „полека, но сигурно се ослободува“.
– Септември доаѓа, многу работи ќе излезат на виделина – изјави Мицкоски.
Амбасадорот во Обединетите нации Љубомир Фрчкоски поднесе оставка од функцијата. Информацијата за МИА ја потврдија од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Фрчкоски на амбасадорката позиција во Њујорк беше назначен во 2022 година, а указот за неговото назначување го потпиша тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски.
Неодамна, Фрчкоски беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но како што изјави министерот Тимчо Муцунски, до разговорот се уште не дошло поради здравствени причини на амбасадорот.