Законот за правична застапеност е готов и најдоцна до 24 јуни ќе помине на Влада, потоа ќе биде испратен до Венецијанската комисија и доколу е сѐ во ред ќе го доставиме во Парламентот, рече премиерот Христијан Мицкоски.
– Очекувам на една од наредните седници на Влада, најдоцна 24 јуни, да помине и потоа ќе го пратиме до Венецијанската комисија и ќе бараме ургенција за итност. И тие да се произнесат и потоа, доколку е сѐ во ред да го пуштиме во Парламент за да може да се донесе и да немаат тема политичарите коишто се обидуваат да предизвикаат етничка поларизација – рече Мицкоски во вечерашното гостување во централниот дневник на Алсат.
Премиерот ги отфрла обвинувањата од опозицијата за етнички и партиски вработувања од страна на власта.
– Не постојат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или останати, туку дека постојат граѓани на Македонија, бидејќи ние сме мултиетничко општество. Институциите, јас ви гарантирам дека вработуваат луѓе според своите потреби. Некаде можеби повеќе Турци, некаде можеби повеќе Албанци, нека Срби, некаде Македонци, накаде Роми, некаде Бошњаци, во зависност од потребите на институциите. Не се согласувам со тоа што го зборува албанската опозиција, бидејќи освен националната тема и етничка поделба немаат друга тема. Од друга страна македонската опозиција пак обвинува за вакви вработувања и за партиска поделба…- истакна Мицкоски.