Законот за правичната застапеност, покрај обезбедување соодветна застапеност, има за цел да го унапреди и квалитетот на работењето на јавната администрација, изјави премиерот Христијан Мицкоски, пренесе МИА.
Тој посочи дека законот е подготвен за влегување во собраниска процедура, откако ги поминал сите владини филтри и добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според него, со новото законско решение се надминуваат досегашните слабости и се нуди систем што ќе обезбеди и правичност и ефикасност.
– Со овој закон конечно се надминуваат стереотипите и проблемите од минатото. Се нуди решение што ќе овозможи сите граѓани да бидат правично застапени и заедно да ја градиме државата – изјави Мицкоски.
Како што нагласи, главната цел е подобрување на функционирањето на администрацијата, а не само формална застапеност. Тој потсети дека Владата ги прифатила барањата на синдикатите за зголемување на платите, но очекува и повисок квалитет во услугите кон граѓаните.
Мицкоски информира дека веќе се следи задоволството на граѓаните од работата на администрацијата, а резултатите ќе бидат презентирани на следната седница на Економско-социјалниот совет.
– Направивме историски чекори во однос на платите, сега очекуваме и подобар квалитет на услугите. Тоа е суштината на реформите – истакна премиерот.
Тој додаде дека иако законот е важен чекор, за целосни резултати е потребна и промена на пристапот и менталитетот во институциите.



































