Фото: „Нова Македонија“

Одлука на Влада нема, договор не е потпишан, ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Свети Николе за најавите дека албанска компанија ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје.

– Јас би внимавал со заклучоците и не би се сложил со вас. Јас разбирам дека уредувачката политика на поедини медиуми има за цел да растури пердуви со невистини и конструкции, да обвинува неосновано, и ние сега како политичари треба да сме дефанзивни и да се браниме. Факт број еден: одлука се носи врз основа на физибилити-студија, физибилити-студија така кажала. Второ, распишан е оглас, се јавила само една компанија иако критериумите се прилично широки. Трето: ништо не е потпишано, ништо не е завршено. Ја слушаме ние јавноста. Јавноста е незадоволна. Од сето ова што претходно го кажав се е според закон, тоа не значи дека ќе потпишеме договор. Одлука на Влада нема, договор не е потпишан, ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме – рече Мицкоски.

Премиерот се повика на физибилити студијата изработена од претходната влада според која паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да биде менаџиран од приватен оператор. Ги повика Градски паркинг Скопје да направат ред бидејќи Клиничкиот центар не функционира, како што кажа, во нормални услови.

– Ние сакавме како Влада гужвата и оние услови кои таму се случуваат да ги организираме. Таму стопанисува Градски паркинг – Скопје, еве тие нека направат ред, немаме ние против, само нека се реши гужвата и тие од Свети Николе кога ќе дојдат да имаат пристојни услови нормално да функционираат и нормално да функционира Клиничкиот цернтар. Физибилити студијата од претходната влада самата така вели – смета Мицкоски.

Медиумите објавија дека приватниот оператор од Албанија „Ѓока Констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство. Ако го добие договорот, ќе биде обврзана да инвестира во катни гаражи, но ќе може да наплаќа паркирање по цена од 50 наместо 30 денари од час, а за возврат на државата ќе треба да и префрли само 1 отсто од годишните приходи.