Премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на новиот здравствен дом во Илинден нагласи дека денешниот чин претставува отворање врата кон една поодговорна, похумана и поблиска држава кон граѓанинот.
– Градиме темели на промените, затоа што тоа го ветивме и тоа го реализираме. Денес овде во Илинден отвораме нешто што е повеќе од амбуланта – отвораме врата кон една поодговорна, похумана и поблиска држава кон граѓанинот. Ова е само почеток. Ќе продолжиме со реновирања, со вложувања, со нови објекти, нова опрема, со повеќе мотивација за здравствените работници, но и со повеќе грижа за секој човек во Македонија – истакна Мицкоски во обраќањето на настанот, на кој присустуваа и министерот за здравство, Азир Алиу и градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски.
Микцоски нагласи дека во здравствениот дом во Илинден се вложени вкупно 25 милиони денари.
– Но вредноста на овој објект е далеку поголема од паричниот износ. Таа се мери во сигурноста на родителите дека нивните деца ќе имаат здравствена грижа блиску до домот, во спокојот на повозрасните жители кои веќе нема да мораат да патуваат далеку за преглед, во достоинството на здравствените работници кои конечно добиваат услови какви што заслужуваат – истакна премиерот.
Нагласи дека сето ова е заеднички труд на Министерството за здравство, на Владата, и на локалната самоуправа на Илинден.
– Ова е моделот на функционирање кој го промовираме – соработка наместо изговори, дела наместо зборови. Оваа амбуланта е дел од нашата поголема заложба – да го обновиме, модернизираме и зајакнеме здравствениот систем во целата држава – рече Мицкоски.
Тој потсети дека изминатиот период целосно е реновиран Одделот за ургентна инфектологија и интензивната нега во Инфективната клиника, во Општата болница во Гостивар реновирани се неколку одделенија, како и во Клиничката болница Тетово. Ги спомена и реновирањата на радиологија, на хируршките клиники, како и невролошката амбуланта во Детската клиника, а интензивно се работи и на клиниката Карил.
– Ова не се одвоени активности – ова е дел од една сериозна, системска трансформација на јавното здравство. Ние не градиме само објекти – градиме доверба, достоинство и една нова надеж во македонското здравство. Надеж во која пациентот е во центарот, а државата се грижи за него, во секој град, во секое село, во секој дом – истакна Мицкоски.