Фото: Маја Јаневска Илиева

Оваа ќе биде година на реформи, во која ќе се завршуваат проектите и ќе се ставаат во функција објектите, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нова градинка „Сончогледи“ во Општина Гевгелија.

Според него, 2026 ќе биде година на големи и крупни чекори во делот на градежништвото, образованието, енергетиката, економијата, земјоделието…

– Генерално, ќе биде година на реформи. Имаме јасен план, имаме јасна агенда. Често пати тоа, го кажувам, граѓаните, но и бизнесот не треба да се грижат, бидејќи оваа Влада работи според план, динамика и однапред подготвени решенија за сите потенцијални проблеми кои што предходно ги антиципирам – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека градинката во Гевгелија е четврта нова градинка пуштена во употреба од почетокот на годината, односно за само осум дена четири градинки се во функција.

– Четири градинки се веќе во функција, опремени со персонал и со надгледни средства, целосно функционални. Така продолжуваме и во периодот кој што следи да пуштаме во функција објекти кои што се завршуваат во делот на детската заштита, тоа се градинките, секако училиштата се тука – рече Мицкоски.

Според него, во тек е реализација на голем број проекти и за училишта, како што се реконструкција, доградба и изградба на нови, како и спортски сали и базени. Најави дека кон крајот на месецот неколку ќе бидат ставени во функција.

– Сето она кое што го ветивме, сето она што беше составен дел од првиот и вториот повик преку Министерството за локална самоуправа, се интензивира, се работи и се пушта во функција – истакна премерот Мицкоски.