фото: Влада

Премиерите на Македонија Христијан Мицкоски и на Обединетото Кралство Кир Стармер денеска во Тирана постигнаа согласност за договор за стратешко партнерство меѓу двете земји. Двајцата премиери оценија дека договорот ќе значи уште посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите.

– Драго ми е што имамвме прилика да разговараме на овој билатерален состанок. Ова е мошне важно за нас. Имаме цврсти односи меѓу нашите две земји и фактот што можевме да го потпишеме овој меѓувладин договор, сметам дека е од голема важност и тоа покажува дека ние ќе решаваме многу работи меѓу двете држави. Ова е навистина одлична можност и се радувам на оваа билатерална средба и на билатералниот договор. Мислам дека имаме многу да направиме заедно и со ова само ќе напредуваме. Се надевам дека ќе можеме уште повеќе да работиме заедно, со вашата земја и да ги продлабочиме односите кои што ги имаме – изјави Стармер на средбата со Мицкоски.

И македонскиот премиер Мицкоски изрази задоволство и благодарност за потпишувањето на договорот за стартешко партнерство со Обединетото Кралство.

– Навистина сум мошне возбуден што ќе работиме заедно, што нашите две држави ќе можат да работат заедно. Ние сме сојузници во НАТО и со овој меѓувладин договор сигурен сум дека ќе имаме уште поголема билагтерална соработка, ќе ги зацврстиме нашите врски. Со ова ќе се подобри и ќе се сподели искуството на Обединетото Кралство во овој дел на Европа. Сметам дека Балканот е навистина инспиративно место и ви посакувам добредојде во вашата многу посилна улога во тој дел на Европа – изјави Мицкоски на средбата со Стармер, одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.

Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји е резултат на повеќемесечни интензивни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни. Договорот, кој се оценува како историски, ќе отвори нови перспективи за соработка во клучни области како безбедноста, економијата, инвестициите, образованието, дигиталната трансформација и климатските промени. Ова е договор кој ја позиционира Македонија во поширокиот круг на интереси на една од водечките светски сили. Станува збор за конкретна и долгорочна определба за зајакнување на билатералните врски со Обединетото Кралство, велат извори од Владата.

Со потпишувањето на договорот, Македонија ќе добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите. Дополнително, соработката ќе опфати и засилен политички дијалог, како и координација во рамки на меѓународните институции и глобалните безбедносни предизвици.