Во рамките на престојот во Лондон, премиерот Христијан Мицкоски остварил средба со неговото кралско височество, Кралот Чарлс Трети.
Премиерот Мицкоски информира дека средбата со Кралот Чарлс Трети била искрена и содржајна.
-Разговаравме за пријателството помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, за стабилноста, развојот и заштитата на природата, области на кои Кралот со години им посветува големо внимание. Оваа средба е признание и почит, но и поттик да продолжиме по патот на заедничките вредности, довербата и партнерството – напиша Мицкоски во објвата денеска на неговиот Фејсбук-профил.
Во рамки на Самитот за Западен Балкан – Берлински процес кој се одржува во Лондон, премиерот Мицкоски ќе оствари повеќе средби насочени кон економска и инфраструктурна стратешка соработка со Обединетото Кралство.
Премиерот Христијан Мицкоски заедно со владина делегација ќе учествува на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, што денеска и утре ќе се одржува во Лондон.
Како што соопштија од владината прес-служба, премиерот Мицкоски, заедно со вицепремиерот Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, како и министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани, ќе учествуваат на голем број состаноци.