Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски остварил телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед ал-Нахјан, во кој изразил солидарност по најновите напади во регионот.

Како што информира Мицкоски преку „Фејсбук“, тој упатил искрено сочувство до семејствата на жртвите и поддршка до народот на ОАЕ.

-Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност – истакнал Мицкоски.

Премиерот нагласил дека Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во разговорот била потенцирана и потребата од засилена координација и грижа за безбедноста на македонските државјани кои се наоѓаат во регионот.

-Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно. Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста – истакна Мицкоски.

Тој додал дека во време на зголемена неизвесност се неопходни одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување понатамошна ескалација.