Премиерот Христијан Мицкоски, по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламска Верска Заедница, Реис Ул Улема Шакир ефенди Фетаху и до сите верници од исламска вероисповед.
– Празникот Курбан Бајрам не потсетува на вистинските вредности и принципи во животот, а тоа е да правиме добри дела, да помагаме и да сме хумани бидејќи хуманоста и солидарноста се најголемите човечки особини. Исламската заедница и сите нејзини верници се дел од оваа држава, затоа потребно е да си подадеме рака и да ги почитуваме различностите, бидејќи само така ќе изградиме држава на среќни и задоволни граѓани – пишува во честитката.
Нашата заложба, како што посочува премиерот, е државата да ја градиме во меѓусебно разбирање, почитување, доверба и толеранција, а тоа ќе го постигнеме само доколку сме обединети заедно.
– Како Влада за краток период успеавме да ја трансформираме државата, преку дијалог и соработка да реализираме проекти од кои најголеми придобивки ќе имаат сите граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност. Но, потребни се крупни чекори за остварување на заедничките цели и затоа нека борбата за подобра иднина, надеж и поквалитетен живот бидат нашата заедничка водилка за успешна и победничка Македонија, држава дом за секој граѓанин и Македонија држава на промените – пишува во честитката премиерот Мицкоски.