Секој граѓанин треба да покаже почит кон еден од основните симболи на државата во која е роден, му овозможила да се образува, да формира семејство и во неа живее, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на прашање дали во сите општини каде градоначалниците се од ВМРО- ДПМНЕ ќе се инторнира македонската химна, тој рече дека ова прашање не би го партизирал и смета дека тоа треба да биде пракса не само во општините, каде што градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Мислам дека ова треба да биде политика, којашто ќе биде централизирана. Министерството за образование оваа политика ќе ја спроведе и мислам дека на целата територија на државата треба да има ваков начин на покажување почит кон државата, во којашто сите ние живееме и твориме- вели Мицкоски.
Тој апелира до министерот за образование ова да биде државна политика и да се реализира во сите општини, без разлика од која политичка партија и да се градоначалниците.
-Имаме држави, нашиот стратешки партнер САД, каде што има многу нации, сите стојат пред интонирање на американската химна и се горди кога ја слушаат американската химна и сите го почитуваат американското знаме. Така што оние кои не ги почитува националните атрибути на државата, во којашто живее, тогаш навистина има сериозен системски пропуст – вели Мицкоски по посетата на Општина Гази Баба.