Тврдењето на бугарското Министерство за надворешни работи дека „наместо македонски јазик постои достапен јазик“, македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека тоа воопшто не го чуди и дека со тоа само се потврдуваат тезите за кои македонската Влада одамна реагира, односно дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав не е единственото барање од Софија.
– Мене тоа мене тоа не ме чуди, не знам дали тоа некого го чуди во државава. Само ги потврдуваат оние тези кои што ги имавме од првиот момент дека не е Бугари во Устав единственото барање туку комплетно редефинирање на македонскиот идентитет. Но ова се денови кога треба да простуваме, да се обединуваме, да се сплотуваме и како народ и како нација и мислам дека конечно како народ ќе сватиме без разлика дали сме во власта или во опозицијата дека за некои прашања едноставно треба да бидеме заедно – рече премиерот по денешната Божиќна литургија во Соборниот храм во Скопје.
Тој ја повика опозицијата и таа да застане во одбрана на македонскиот идентитет.
– Жалам што претходната влада влезе во една ваква авантура и што комплетно го заглави евроинтеграцискиот процес, жалам што тогаш го прифати ултиматумот од нашиот источен сосед наместо да не послушаа и тогаш, но подадена е раката, треба да ги напуштат оние тези што ги слушаме во јавноста и да застанат конечно во одбрана на македонските национални интереси – изјави премиерот.































