Програмата што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја нудат на овие локални избори е реална со рокови и мерки насочени кон потребите на граѓаните, за разлика од кампањата на опозицијата која се темели на демагогија, трикови и подземни коалиции, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обраќајќи на вечерашниот митинг одржан во општина Аеродром, во рамки на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
-Што дознавме од оваа кампања досега? Ние имаме програма, со рокови и проекти, СДСМ има демагогија, трикови и подземни коалиции. Дознавме дека Венко претседателот на СДСМ добил засилување во неговиот ментор, потоа дознавме дека судиите и обвинителите тие малкумина што се нивни измеќари биле професионалци, иако имаат незначителен процент доверба од граѓаните , дека си подготвуваат и се колнат во подароци од Бугарија, дека нема ништо поретко и ендемично од тоа да видиш пратеник на СДСМ на митинг на СДСМ, дека подобро било со Левица и ДУИ да се во коалиција отколку сами да одат на избори, дека Венко не го сака Бранко, но Заев не го даваат, и дека неговите истурени играчи посакуваат линчување и моја смрт – би рекол, ништо ново во СДСМ – вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека СДСМ е партија со многу проблеми, која, како што рече, народот ќе ја казни на локалните изборите со жесток пораз и оти нема да дозволи Македонија да биде заложник на нивните внатрепартиски борби.
-А сето ова открива дека СДСМ е партија со многу проблеми, дека се расцепкани на стотина фрагменти, затоа што раководството на партијата гледа како на компанија и инвестиција што треба да се чува затворена, и дека немаат сериозна намера да бидат алтернатива. Народот тоа го гледа и народот тоа ќе го казни жестоко на овие избори. Македонија нема да дозволиме да биде заложник на нивните проблеми и внатрепартиски борби. А овде, во Скопје, ако освојат едвај триесетина илјади гласови – тоа треба да го гледаат како голем успех. Ве убедувам дека ги чека жесток пораз, а за да тоа се случи важно е да излезете на избори и да гласате, рече Мицкоски.
Тој упати порака за излезеност на 19 октомври и заокружување на бројот 9 за иднината и развојот на Македонија.
-Ве повикувам да гласате и да го направите вистинскиот избор. Гласајте за бројот 9, гласајте за советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Затоа што филозофијата на правиот избор е одредница за тоа како ќе ја конструираме нашата заедничка иднина, истакна Мицкоски од митингот во општина Аеродром.