Речиси сити банки прифатиле да ги пуштат во оптек парите од унгарскиот заем, а со кои треба да се кредитираат македонските компании, информираше денеска од Охрид, премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи дека кредитите за компаниите ќе бидат до дест милиони евра и тоа за инвестиции. Минималното учество на инвеститорот е 20 проценти, од самиот проект.
– Каматата ќе биде 1,95 проценти која што ќе ја добијат компаниите, нешто што претставува најниско во регионот и во Европа, до три години грејс период, до 15 години рок на отплата во зависност од барањата на кредитобарателот, има компании коишто сакаат помали рокови. Затоа го ставивме тоа да биде и флексибилно.Така што, сите оние коишто ќе инвестираат во основни средства за работа, во производни системи од обновлива енергија ќе користат итн., ќе бидат дел од овој проект – изјави Мицкоски.
Прашан како ги коментира изјавите на претседателот на СДСМ, Венко Филипче за издавањето на кредитите за стопанството, Мицкоски со одговор дека понекогаш се чуди на изјавите од опозицијата.
– Имам чувство како некој намерно да го мести. Тешко на новоизбраниот претседател на СДСМ, бидејќи од сите комори, од стопанствениците, од компаниите стигаат навистина позитивни вести, воодушевување итн., и благодарности, само од него успеавме да слушнеме критика. Немам што да коментирам – вели Мицкоски.
Тој упати и совет до опозицискиот лидер, Филипче што побргу расчисти во неговите советнички тимови и како што рече Мицкоски „толку подобро ќе биде и за државата, бидејќи ќе имаме навистина конструктивна опозиција“.
– Затоа што ваков тип на пораки, сега ние мораме да ги коментираме, бидејќи станува збор сепак за најголема опозициска партија, но навистина се чудам. Во најмала смисла се чудам – изјави Мицкоски.
Прашан за коментар на средбата меѓу претседателката Гордана Силјановска-Давкова и лидерот на СДСМ, Мицкоски вели дека ова треба да биде пракса, бидејќи и тој кога бил избран за лидер на ВМРО ДПМНЕ побарал средба со тогашниот претседателот Ѓорѓе Иванов и премиер Зоран Заев.
– Јас жалам што изминатите пет месеци новоизбраниот претседател на СДСМ не побара средба со лидерството на државата. Но, добро го оценувам и позитивно го оценувам чекорот да побара средба со претседателот на државата, професорката Гордана Силјановска-Давкова. Така што, ова треба да биде една пракса во иднина – рече Мицкоски.