Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводи владината делегација во Лондон на Самитот за Западен Балкан – Берлински процес, попладневно информира дека потпишал Меморандум за разбирање со американско-британската компанија „Бурсток“, која што ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија.

-Денеска потпишавме меморандум за разбирање со американско-британската компанија „Бурсток’, која што ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари, ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места и ова е само почеток – објави Мицкоски на Фејсбук.

Тој додаде дека очекуваат во воената наменска индустрија инвестициите да достигнат повеќе од една милијарда долари.

-„Бурсток“ има долгогодишно искуство во областа на одбраната, дипломатијата, безбедноста и разузнавањето, обуката, консултантски услуги и управување со проекти, како и специјализирана во поморскиот и воздухопловниот комерцијален сектор – додаде Мицкоски во објавата.