Подготвен сум да разговарам било каде и со било кого со цел да најдеме решение со кое ќе се одблокира пристапниот процес, но кое ќе биде трајно, а не инстант и само за сега, туку решение кое понатаму ќе ни овозможи достоинствени преговори до самиот крај, а не само за првите чекори, порача вечерва од Њујорк премиерот Христијан Мицкоски.
-Подготвен сум да разговарам и ќе патувам и ќе седам на маса и ќе разговарам колку е потребно со секого само да најдеме решение. Немам комуникација со новиот претседател на владата на источниот сосед, но со задоволство би реализирал средба со него и со задоволство би имал желба да седнеме да поразговараме и да видиме какви се можностите. Единствената моја порака на средбата ќе биде ако договорите важат и треба да се почитуваат за нас, тогаш треба да важат и да се почитуваат и за нив и дека билатералните прашања не треба да бидат дел од преговарачкиот процес- рече Мицкоски во интервју за МРТВ.
За средбите во САД со Александар Касаноф, помошник на асистентот на државниот секретар на САД за Западен Балкан и со Специјалниот пратеник на претседателот Трамп за решавање на кризни состојби, Ричар Гренел рече дека досега не сретнал објективен дипломат кој нема симпатии кон сето она што ние како народ сме го направиле и сето она што ние како држава го имаме направено во име на европските интеграции.
-Прашањето е како да стигнеме до целта и како на достоинствен начин го одблокираме овој процес кој е блокиран поради авантуристичките политики на претходната влада кои мислеа дека ќе им биде се простено на надворешен план ако потпишуваат се што ќе им биде ставено на маса, а дома ќе можат да ги ограбуваат граѓаните и да ја уништуваат државата. Во таков егзибионистички севдах прифатија нешто што не успеаја да го испорачаат и создадоа објективен проблем за европските интеграции- посочи Мицкоски.
Свесен сум, додаде, за тоа што го направија Бујар Османи како министер за надворешни работи и Димитар Ковачевски како премиер.
-Јасно ме е дека прифатија нешто што не успеаја да го испорачаат и јасно мие дека тоа го правеа поради други лукративни мотиви. Јасно ми е дека тоа е проблем и дека секогаш ќе ни биде ставано на маса како услов. Но, ако тој услов важи за нас, тогаш треба да важат и сите други услови, односно оние договори кои претходно се прифатени, како што е Резолуцијата за почитување на човекови права, како што е Договорот за добрососедство. Сето тоа треба да претставува обврска за сите страни- потенцира Мицкоски.
Ние сега, посочи, имаме сизифовски тешка задача сето ова да го премостиме и ако можеме да го совладаме, бидејќи нашиот источен сосед е во европското семејство, а ние сме надвор и сакаме да влеземе во тоа семејство.
-Во сета таа амбиција одбравме стратегија што е можно погласно и појасно да ги презентираме нашите позиции и да создаваме пријатели, да градиме пријателства и да наоѓаме сојузници за на достоинствен начин да се пронајде решение, во што јас сум оптимист. Продолжуваме и понатаму да градиме пријателства, да бараме сојузници и да бидеме што е можно појасни и погласни во овој процес и мислам дека ако имаме реални и објективни европски „мерит бејсд“ критериуми кои се темелат на постигнувања, а не на билатерални прашања, тогаш многу скоро од денеска кончено после две децении ќе се одблокира пристапниот процес на Македонија- порача Мицкоски.