Фото: Фејсбук / Христијан Мицкоски

Кога единството е посилно од поделбите, кога желбата за правда е посилна од криминалот и кога сите граѓани имаат силна волја за иднина, посилна од хаосот и безредието. Јасно е дека се работи за Кичево. Вечерва во градот кој испиша историја!, напиша на својот ФБ профил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објавувајќи фотографии од Кичево кадешто вчера доцна вечерта замина да му ја честита победата на Александар Јовановски над Фатмир Дехари.

-Ви благодарам Кичево, ви благодарам кичевчани, навистина окото е полно и душата е полна. Ви благодарам за се што правите за нас – рече Мицкоски.

Тој притоа му ја честита победата на новиот градоначалник на Кичево Александар Јовановски и му посака успешна работа.

– Ние како Влада, заедно со него, ќе сториме се што можеме и се што е во наша моќ да реализираме проекти, многу проекти кои ќе значат подобар живот за кичевчани и модерно, поубаво Кичево – рече Мицкоски.

Вечерва, додаде тој, ќе се радуваме едни со други ќе си подадеме рака, а од утре ќе ги засукаме ракавите.

– Не чека многу работа Александар – порача Мицкоски.

– Кичево гласаше денеска за слобода, Кичево денеска се ослободи од човекот којшто се богатеше на грбот на кичевчани – и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и Власи и сите останати. Човекот којшто изгуби човечност, којшто уценуваше, човекот којшто го засрамуваше и сопственото семејство со тоа што го слушавме. Тој е веќе минато, заборавено минато коешто никогаш повеќе нема да му се повтори на овој преубав град, наше заедничко Кичево – рече Мицкоски.

Според него, Кичево доби родител, татко, сопруг, доктор. Но, она што најмногу го доби денеска Кичево, е едно сплотување и обединување, нагласи Мицкоски заблагодарувајќи се на сите кои го дадоа гласот за Александар Јовановски и сите кои, како што рече, обединети застанаа и го поддржаа Александар за едно модерно, обединето, заедничко Кичево.

– Не очекуваат уште многу убави моменти во месеците и годините кои следат. Оваа доверба која политичката партија што ја водам и коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори ја потврди довербата што ја има кај граѓаните во Македонија – 55 градоначалници на овие локални избори. Заедно со огромното мнозинство во Парламентот и поддршката што ја добивме пред година и половина на парламентарните и претседателските избори, како и поддршката што ја добивме на локалните избори во 2021 година, заокружуваме еден историски циклус. Ветувам дека со ништо нема да дозволам вашата доверба, чест и достоинство некој да ги изневери. Ветувам напорна и трудољубива и пред се и над се, чесна работа. Сите да се обединиме околу политиките на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – рече Мицкоски и притоа повтрно ги повика сите – и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Ромите со пораката „Ова е наша заедничка држава и заедно ќе си ја градиме“.

Претходно, во Скопје, Мицкоски порача дека со изборот на Александар Јовановски заврши ерата на раскалашаноста на Дехари и дека почнува ера на соживот и просперитет во Кичево.

-Во Брвеница останува Јовица градоначалник, вечерва не славиме против некого, славиме за Македонија. Славиме за новата енергија што ја движи државата напред, за работата, за ред, за одговорност. Секој глас што го добивме е доверба, но и обврска – објави Мицкоски, откако од Скопје замина и за Брвеница да му ја честита победата на Јовица Илиевски.

-Да покажеме дека чесноста и трудот победуваат, дека политиката може да има достоинствено лице, и дека Македонија може да биде пример на соживот, ред и напредок!- истакна Мицкоски.

Победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница беше посебно битна за партијата, зашто противканиддат беше Хаќим Рамадани од владиниот коалиционен партнер ВРЕДИ, кој наспроти договорот за меѓусебна поддршка, истакнуваше дека мора да победи зашто е Албанец и носеше гласачи од Германија за да може да победи над кандидатот од македонска националност.

Таа игра на национална карта разбранува многу духови во земјата.

Рамадани инаку е директор на Инспекторат за локална самоуправа, а Мицкоски, кој вечерва од Скопје порача дека ни името не сака да му го спомене, најави дека Рамадани ќе биде разрешен.