Традиционално, со полагање цвеќе на споменикот на двата Илиндена и народен собир во атарот на црквата „Свети Архангел Миахил“, каде се наоѓа заедничка гробница на паднатите востаници во струшкото село Ташмаруништа денеска беа одбележани 122 години од Илинденското востание и 81 година од АСНОМ.
Почит на спомен – обележјата на хероите од илинденската епопеја оддадоа премиерот Христијан Мицкоски, делегации на политичките партии, Сојузот на борци, организации и граѓани.
Зачувувањето на споменот на илинденците, според општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ – Струга, е свет завет.
– Нивното дело мора да остане запаметено во колективната свест, особено денес кога сме жестоко негирани и исправени пред нови предизвици и неправди. Споменот на жртвите нека ни биде ѕвезда водилка, која ќе ни го покаже вистинскиот пат, бидејќи секое скршнување од него не носи кон сѐ пострмни бездни – истакна заменик министерот за правда и претседател на Општинската организација на ВМРО – ДПМНЕ во Струга, Ален Деребан.
Прославата, традиционално почна со звукот на црковните ѕвона, а после панихидата, за присутните беше подготвен и културно-забавен дел.
Во селото Ташмаруништа за време на Илинденското востание 1903 година се одиграла најжестоката борба меѓу востаниците и турската војска каде во животот го загубиле 27 востаници, а селото било ограбено и запалено.