Претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека случајот со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ нема да го политизира, туку како што рече како Влада ќе сторат се што е во нивна моќ за семејствата на настраданите и за Општина Кочани. Тој најави дека наскоро ќе го објават и проектот кој е планиран за градот и на кој се работи заедно со ЕУ.
-Јас никогаш нема да го политизирам овој случај и како Влада ќе сториме се што е во наша моќ тоа да го направиме. И работам на еден таков проект, заедно со канцеларијата на Европската унија. Се надевам дека многу скоро до крајот на месецот ќе го објавиме – големината на овој проект и што ќе опфаќа овој проект за Кочани. Така што болката кај сите нас, а посебно кај родителите на загинатите луѓе од таа ужасна несреќа и на оние повредените ќе трае цел живот. Тоа не е сентимент, којшто се губи преку ноќ. Но ние како Влада имаме обврска и одговорност кон сите граѓани да се бориме за правдата и, правда како што гледате за разлика од принципот до сега, веќе има – изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски на новинарско прашање за притворот на реалениот сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев додаде дека Обвинителството постапува согласно истрагата и тоа што бара Обвинителството од Министерството за внатрешни работи, МВР го испорачува и по ова прашање никој не треба да има дилема.
-Тоа што ќе каже, и секој оној којшто е одговорен согласно Јавното обвинителство – Министерството за внатрешни работи ќе постапи така. Така што, да ги оставиме да ја водат истрагата. Е сега жалам што одредени некрофили во политичките партии се обидуваат преку овој случај да добијат некои политички поени. Мислам дека тоа им се враќа како бумеранг во глава и дека тоа не им е успешна мисија – рече премиерот Мицкоски, кој денеска одговараше на новинарско.