Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата Објектив на Македонската телевизија истакна дека не сака да ја коментира истрагата за трагедијата во Кочани за да не влијае врз истата, но посочи дека нема да запре да ја критикува работата на судиите и обвинителите, бидејќи како што рече не е задоволен од испораката на правдата.
-Јас не би давал квалификација колку сум задоволен или не сум задоволен во овој момент, од проста причина дека каква била моја квалификација може да биде сфатена како некакво влијание. Сепак кога претседател на Влада ќе даде некаква квалификација за одреден случај тоа може да се смета како влијание. Но, не ми пречи да го сфатат она мое укорување во мојот вчерашен говор кога кажав дека не сум задоволен од брзината на испорака на правдата во обвинителството и судството. Затоа што тоа е генерална перцепција и генерално чувство кај граѓаните. И тоа е се уште слабата страна на ова наше општество, а тоа е спората правда и чувство дека нема правда за сите подеднакво. И тука треба сите заедно да работиме- дециден е Мицкоски.
Премиерот оцени дека како Влада успеале навреме да се координираат сите потребни работи околу случајот со трагедијата во Кочани.
-Првиот дел е хуманиот, здравствениот дел и она што тој ден се случи. Тоа беше ужас кој што не би сакал никогаш никому да му се повтори, не само кај нас, на целата планета. Затоа што тоа беше навистина нешто коешто и во најголемиот хорор некој не може ниту да го замисли. Потребна беше брза реакција. Притисокот беше голем. Ценам дека како Влада успеавме сето тоа да го координираме навреме и ценам и нескромно е можеби да кажам дека спасивме многу човечки живот со таа брза реакција која беше точна под многу голем притисок, и политички и здравствен. Политички, затоа што имајќи ги предвид сложените ситуации во регионот и понудата која пристигна во првите моменти, а здравствено, имајќи ја предвид состојбата во нашиот здравствен систем, условите во кои што прекрасните доктори и медицински персонал работат, но и притисокот кога некогаш треба на свој грб да преземате одговорности и да носите решенија од типот „ние премиере не ви препорачуваме интубирани пациенти да транспортирате, на ваша одговорност ги транспортираме“. И за волја на вистината, при тој транспорт на тие речиси стотина лица, на двајца срцата престанаа да им чукаат. Благодарение на присебноста на анестезиолозите, тие беа вратени во живот и фала му на Бога денеска се добро и се живи. За жал, изгубивме двајца кои исто така подлегнаа на повредите, но иако тоа се спореди со случаевите кои во минатото се случувале претставува голем успех. Јас сум благодарен на соработници, здравствените работници, персоналот. Тоа беше една многу сложена операција. Кога велам сложена, трилерски сложена операција која резултираше со многу човечки спасени животи- рече тој.
Мицкоски нагласи дека го оставиле Обвинителството да работат без никакво политичко мешање за да не се попречи правдата.
-Вториот дел од мојот одговор – и покрај големата политичка штета која што постоеше за нас, да ја сопреме постапката и да се вратиме чекор-два наназад во разрешување на јавниот обвинител, ние одлучивме да застанеме и да се вратиме затоа што не вреди ништо ако кој било на кој било начин може да направи нешто со што ќе ја попречи правдата и тоа тогаш реков ќе ја преземам одговорноста јас лично и на прес-конференција како претседател на Влада да се повлечеме од таа процедура се до оној момент додека не видиме дека ќе има некаков исход и дека целиот процес води кон некакво исход. И третиот дел од одговорот – Оставивме Обвинителството да работи не само без никакво мешање, туку обид немавме ниту за физички контакт. И ако ја гледате структурата на обвинителите коишто во тој момент први налетаа на терен и понатаму ја работеа работат како Коцевски, Абази, Бубевски, ќе видите дека ниту еден од нив никако теоретски не е поврзан со владејачкото мнозинство, туку напротив е поврзано со претходното владејачко мнозинство, за дел од нив и тие гласале. Мојата порака беше уште од првиот ден кога дојдоа во просториите на ОВР Кочани „работете според закон и секој оној што има и најмало сомневање дека може да биде одговорен да биде приведен без разлика дали е од некоја политичка партија или не- рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека која било акција во овој момент која што може да биде преземена од страна на Владата и кон судството и кон Обвинителството во која било форма, може да биде сфатена како притисок токму кон случајот со трагедијата во Кочани.
-Поради овој ужасен настан во Кочани не би сакале било што да направиме коешто ќе може може да имплицира било какво влијание и врз судиите и врз обвинителите за да не бидеме погрешно сфатени. Политички, ние за Судскиот совет го направивме тоа што можевме да го направиме, а тоа е изгласување недоверба во рамките на Собранието. И тогаш јас кажав дека тоа нема да биде одлучувачки бидејќи сепак Уставот ги штити. И тоа очигледно се случи- рече премиерот Мицкоски.
Според него, очигледно дека во Судскиот совет има луѓе со ниски морални вредности на кои материјалната и слепата послушност кон одредени политички елити им се поважни од моралниот кредибилитет.
-Но и тоа ќе заврши. Еве полека еден по еден мандатите им завршуваат. Ќе треба да излезат на улица, да не погледнат во очи вас и граѓаните и тогаш тие ќе имаат сериозен проблем како да се интегрираат бидејќи нема да им бидат потребни стопаните. Со сиот и политички товар, но и личен и морален кредибилитет дека било која акција во овој момент која што може да биде преземена од страна на Владата и кон судството и кон Обвинителството во било која форма, може да биде сфатена како притисок токму кон овој случај, кој е најтешкиот ден не само во мојот живот, туку и во животот на граѓаните во Македонија, тоа е некоја општа колективна трагедија. Било која моја изјава, било кое наше политички мешање може да биде поинаку протолкувано, а не би сакал тоа да се случи- рече Мицкоски.