Фото: Н.М.

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата најави дека од утре ќе почне робусна акција на проверка на сите документи во угостителските објекти, по страотниот пожар во дискотека во Кочани, во кој досега загинаа 59 лица, а 155 се повредени. На новинарско прашање дали ќе поднесе оставка, рече дека сѐ додека не ги порази сите овој корумпиран систем, нема да поднесува оставка, а за кредибилитетот на еден политичар ќе се види на избори.

– Од утре почнува робусна акција во насока на проверка на сите документи, сите лиценци, сите дозволи за градба, сите дозволи за употреба, дозволи за работа, и убеден сум дека ќе најдеме стотици, десетици…Милиметар да недостасува ќе бидат затворени, тука нема да има милост кон никого – рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека објектот кадешто се случи пожарот имал фалсификувана лиценца за работа од датум 13 март 2024 година, потпишана од тогашната државна секретарка во Министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ.

– Со сиот ризик дека можам да влијаам на истрагата, еве вака изгледа лиценцата – потпишана од тогашниот државен секретар. Но истата лиценца изгледа и вака – Само разликата е во тоа што првите два броја што во првиот случај се 51, а во вториот се 15, под истиот архивски број, а замислете, таму е заведен документ дека е комуникација со странски инвеститор, а сопственикот на локалот ги има овие документи – рече Мицкоски, покажувајќи ги пред новинарите двата документа.

На новинарско прашање, потврди дека станува збор за лиценца за кабаре.

На прашањето пак, иако станува збор за фалсификувана лиценца, нејзината важност завршила два дена пред да се случи пожарот, Мицкоски рече дека тоа е во зависност кога влегла во сила но архивскиот број е од 13.03.2024, што, како што рече, значи дека на 14.03.2025 таа била истечена.

На прашањето дали ќе го разреши директорот на Државниот пазарен инспекторат, вели дека не постои таков документ во кој се вели дека ДПИ е надлежен 365 дена во годината.

– По која логика треба да го разрешиме директорот на ДПИ. Прво овој документ е фалсификат, лиценца нема. Инспекторатот не е надлежен секој ден во 365 дена од годината. Не постои таков документ, не постои таква одредба, ниту во кој било закон дека тој мора секој ден 365 дена да ги контролира објектите. Тие се контролираат по пријава. Последен пат државен инспектор таму се појавил во 2022 година. Зошто не констатирал тогаш пропусти и недостатоци, тоа е веќе дополнително прашање и ќе следи дополнителна истрага – рече премиерот.

На прашање зошто ако била истечена лиценцата, зошто полицијата не го затворила објектот, Мицкоски рече дека полицијата не била таму да контролира дали има важечка лиценца или не, туку се вршела проверка бидејќи постоеле информации и основано сомневање дека се тргува со недозволени супстанци и дека во местото има малолетници.

– Полицијата доаѓа пет минути пред да се случи за жал овој настан. И во тој момент група полицајци е со лице за коешто постои основано сомневање дека врши недозволено тргување со недозовлени материјали, а додека полицаецот, кој за жал е починат, врши легитимирање на гостите и констатира дали се тие малолетници или не се малолетни – одговори премиерот.

За тоа дали ќе побара одговорност од градоначалникот, Мицкоски одговори дека објектот бил регистриран како кабаре и според Законот за угостителство кабарето не е надлежност на градоначалникот, туку на Министерството за економија и има работно време од 22 до 04 часот.

Прашан дали ќе поднесе оставка, премиерот рече дека сѐ додека не ги порази сите овој корумпиран систем, нема да поднесе оставка.

– Прво ќе ги поразам сите овие коишто го доведоа овој корумпиран систем да биде корумпиран, за тоа што се случи и во Модуларната болница, и за сѐ она што се случуваше и нивните слуги и лакеи, а потоа ќе излеземе на избори пред граѓаните и тие се најголемата морална потврда за кредибилитетот на еден политичар – рече Мицкоски.