Остануваме горди, со крената глава. Денес Бугарија работеше против нас. Денес светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век. Денес комотно и на очиглед на сите, на Европа можеме да и кажеме дека вистината излезе на виделина, рече денеска премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вонредна прес-конференција од партиското седиште, откако Европскиот парламент го усвои извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година.
Како што порача Мицкоски, ние сме на вистинската страна од историјата, „а Бугарија видовме дека знае и да ја утне вистинската страна“.
-Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија, но не од сега, туку уште од 1990 година. Таа има јасна агенда и план, водена е од мислата да ги уништи македонската нација и идентитет. Но, да оставиме трага на вистината. Ова е нашиот Крушевски манифест, мораме да се мобилизираме со сите наши пријатели и сојузници. Ова е борба за фундаметнални правда и вредности. Но, оваа борба ниту почнува, ниту завршува денес, сите овие перипетии колку и да се трагични за Македонија имаат успешна димензија – потенцира Мицкоски.
Нагласи оти нема ништо поважно за него од македонските интереси и оти нема да дозволи да се случи ново предавство.
-Не ми е важна никаква политичка кариера. Нема ништо поважно за мене од македонските интереси. Сакам да потенцирам, и нашиот народ да биде на чисто, дека нема да дозволиме да се случи ново предавство, нема да дозволиме да се отстапи од македонските национални интереси и тоа е завет кој ВМРО го има во својот код – потенцира Мицкоски, додавајќи дека е само моментален функционер и претседател на оваа партија, кој презел одговорност да служи на својот народ и да ги решава проблемите, да го подобри животот на неговите сограѓани.
Според него, има добри индикатори кои ни влеваат оптимизам и оти се уште е многу рано народот тоа да го почуствува.
-И свесен сум за тоа, но со работа и резултати, но пред се со одговорен искрен и чесен однос вака со кажување на вистината и работите какви што се, јас сум оптимист дека за Македонија доаѓаат подобори времиња – рече тој.
Мицкоски се заблагодари на пријателите од ЕУ кои помагаат и кои, како што рече, се уште веруваат во нас и во нашите вредности како дел од европското семејство.
-Драги пријатели од ЕУ, ви благодарам на сите вас кои ни помогнавте и кои ни помагате и кои се уште верувате во нас и во нашите вредности како дел од европското семејство. Нема да ве разочараме. Ќе работме заедно со вас на реформи, на развој, ќе се обидуваме да ја придвижиме земјата кон ЕУ. Тоа е новиот пат кој ќе го отвораме, по принципиелни и вредносни основи, затоа што членството на мојата татковина во ЕУ не е само цел, тоа е и наша потреба, но и заедничка потреба. И ние посветено ќе работиме со сите наши европски пријатели да опстоиме на европскиот пат и да не дозволиме различни земји или структури кои не и сакаат добро на мојата земја и на нејзината геостратешка псотавеност, нејзината позиција и иднина да успеат во своите замисли.
Премиерот нагласи оти оваа борба е и ќе биде тешка и оти е подготвен да опстои, како што рече, заеднички со сплотеност тука и со пријателите надвор ќе успееме.
-Ние сме малубројна земја, но со големо срце. Ние сме лулка на културата на Балканот и нема негација која тоа ќе ни го одземе. Ние ги почитуваме нашите соседи и така и ќе продолжиме и понатаму дури и кога вака ќе ги фатиме живи. Низ дијалог ќе се обидуваме да ноѓаме решенија, но без да не почитуваат ништо нема да постигнат. И тоа е клучна грешка на нашиот истакнат сосед во односите со нас. Кога ќе почнат да не почитуваат тогаш ќе ни бидат најблизок и најдобар пријател. Но и тогаш и дотогаш ќе зборуваме со нив и со сите со јазикот на аргументите – рече Мицкоски.
Тој повтори дека Македонија е блокирана во европскиот пат од Бугарија, но, посочи, за да ја разбереме таа блокада мора најпрво да сфатиме дека таа блокада не почна денес, ниту ќе заврши денес.
-Таа блокада е почната уште во 1990 година кога бугарската држава во моменти на ембарга, војни и беспарица во поранешна Југославија како и проблематизирање на нашата држава од страна на Грција, се случи еден гест од Бугарија признавање на посебноста на нашата држава, но со една ограда, дека не се признава јазикот и народот. Јазикот е основа на нацијата во сите теории, и оттука Бугарија ја призна држвата, но не го призна постоењето на нашата нација. Нашите политичари, лидери уште тогаш требаше да видат дека нашиот источен сосед има сосема поинаква агенда. Јас сум убеден дека многумина од нив биле свесни, но со тешките предизвици со коишто се соочуваше нашата држава и грчкиот проблем како проблем кој остава недифинирана држава заведена во ОН, како земја земја со потенцијален конфликт, заради Резолуцијата во тоа време во ОН под која беше заведен спорот со Грција за името, нашите политичари одлучиле да одат чекор по чекор, и преку зачувување на мирот да го трасираат патот на стабилноста и интеграциите. И тоа е легитимно. Дали тезата времето работи беше исправна историјата ќе суди, но факт е дека денес можеби не е врeмето, но Бугарија работеше против нас – рече Мицкоски.
Тој рече дека „пред неколку месеци кога за првпат произлезе идејата која требаше да ја извади Бугарија на чистина и нејзините затскриени намери да ги истопори за да бидат на очиглед на сите, и на оние најскептичните, кои се уште наоѓаа енергија и мотиви да ни сугерираат дека внесот на бугарското малцинство во нашиот Устав, беше и е единствениот проблем“.
-Ние почнавме низа активности и дипломатски акции да наметнеме една тема која ќе придонесе на долг рок во изнаоѓање решение за нашиот проблем. Немавме амбиции ниту лажна надеж дека ќе успееме, ги знаеме односите во Унијата ги знаеме трговските практики, и начинот на одлучување. Знаеме дека во ЕУ има неретко конфликт меѓу вредностите и прагматизмот на политиката, трговијата со судбини, и не сме воопшто наивни. Сето ни беше совршено јасно. Никој не беше наивен дека сега и денес ќе се реши се. Токму затоа и потсетувам и на она признавање на државата од страна на Бугарија од 90-тите како прв сосед. Тоа поврзано со сите нивни активности и дејствија сите овие децении наназад историски гледано во крајот на 19 и 20 век, нам ни е јасен показател дека тие иамат јасна агенда и план, и дека се водени од мислата да ја унштат македонската нација и идентитет. Скептиците ќе речат, кому му е гајле што се разголени Бугарите, кога успеаја во намерите, а европските политичари пред да го направат оној предлог биле свесни за тоа. Точно е тоа, ние тоа го знаевме. Јас ќе одговорам, конечно и не треба никому да му биде гајле, туку треба нам да ни е грижа да види светот, да видат народите од светот со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век и да оставиме трага за вистината, за на една битка на една генерација. Ова е нашиот Крушевски манифест, со кој конечно мора ние самите да ги збиеме редовите и да ги мобилизираме сите пријатели, сојузници затоа што ова е борба за фундаментални основни човекови права и вредности – рече Мицкоски.
Според него, Македонија и сите овие перипетии колку и да се трагични имаат и во себе една успешна димензија.
-Тоа е фактот што денес и на очиглед на сите на Европа можеме да и кажеме дека вистината излезе на виделина на површина. Исто така со жалење можам да кажам дека на површина излегоа и сите оние кои свесен сум дека се потеа додека измислуваа при наши средби изговори за наводни реформи кои треба да се донесат и за наводно бугарско малцинство кое треба да влезе во Уставот. За техникалии – бегајќи од суштината. Сите тие се и беа свесни за вистината. Сепак тоа се политичари од врвен калибар за разлика од Бујар, Артан, Ковачевски, Маричиќ, Венко, и сите останати. И тие соврешно знаеја што е позадината на овие барања, а поврзани со последниот предлог и со нашата интеграција во ЕУ. Да исполниме услови кои ги нема за никого, сите знаеја но сега само ги соочивме со нив на еден наједноставен начин. И еве сега и тоа им е на тацна и затоа не сакам никого никогаш и никој да ми споменува дека бугарското малцинство е проблем. Тие неколку стотина луѓе кои што се чувствувале како Бугари, дали биле во Уставот или не биле, не се никаков проблем. Уште утре можеме да ги внесме – рече тој.
Но, потенцира Мицкоски, суштината е многу подлабока од тоа и тоа сосема јасно се виде со овие чекори кои ги презема нашиот источен сосед низ европските ходници.
-Но ќе остане запишано и за век и векови запомнето дека Европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина АФЕТ, на Комитетот за надворешна политика при ЕП и денеска пред да се донесе оној срамен амандман се најде на масата на сите европратеници коишто гласаа во рамките на ЕП, за првпат во независна Македонија – нагласи Мицкоски.
Најави и низа иницијативи, активности за кои, посочи, ќе очекува сојузништво и заедништво со МАНУ, со партиите на етничките заедници во државата, со опозициската СДСМ и со другите, кои како што рече, сакаат да помогнат и да покажеме на светот дека сме тука и дека се уште стоиме и покрај се и после се. Ние сме тука, стоиме силно, обединети заедно.
Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година. Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.