Фото: Влада

Забрзувањето на интеграцијата на Западен Балкан, беше еден од панелите на 61. Минхенска безбедносна конференција што заврши вчера во главниот град на Баварија. Премиерот Христијан Мицкоски, кој учестуваше на овој панел заедно со еврокомесарката за проширување Марта Кос и албанскиот премиер Еди Рама, порача дека наместо европеизација на Балканот, се соочуваме со балканизација на Европа и двојни стандарди од страна на ЕУ. Еврокомесарката Кос, пак, кажа дека во текот на овој мандат на Европската комисија сакаат да ги завршат пристапните преговори со две или три држави. На маргините на конференцијата во саботата беше остварена и прва средба меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со неговиот бугарски колега Георг Георгиев, со кого разговарале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство.

Премиерот Мицкоски на панелот посветен на пристапувањето на Балканот во ЕУ, истакна дека македонскиот пат кон ЕУ „започна многу пред да започне евроинтеграцискиот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка“.

-За нас бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација или, да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот – рекол премиерот Мицкоски.

Премиерот во обраќањето кажа дека промената на името не бил единствен пример за мешање во внатрешните работи на суверена држава, туку и промената на знамето.

-Наш маркер е и останува да биде, да станеме дел од ЕУ, без сомнение. Слушам некои коментари тука дека имало говор во текот на првиот ден од американскиот заменик-претседател Венс и дека тој говор значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности – истакнал Мицкоски.

Посочил дека нашата држава има целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и дека сме меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител, а исто така го исполнивме условот два отсто за одбранбени трошоци на годишно ниво.

-Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламент на една земја членска од ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат – заклучи Мицкоски.

Во обраќањето тој порача дека Европа нема да биде обединета без сите европски земји и дека „овој процес ќе трае додека сите аспиранти земји не станат дел од заедничката маса со останатите земји членки на Европската Унија“.

Еврокомесарката Кос на истиот панел рече дека Црна Гора и Албанија би можеле да ги завршат пристапните преговори со Европската Унија до крајот на тековниот мандат на Европската комисија, а кога ќе има придвижување и Северна Македонија може брзо да напредува.

-Има разлики меѓу земјите од Западен Балкан, но во текот на нашиот мандат сакаме да ги завршиме пристапните преговори со две или три држави, што значи затворање на сите преговарачки поглавја – рече еврокомесарката Кос.

На прашање од модераторката кои се двете земји со кои ЕУ би можела да се прошири и во кој временски период, еврокомесарката одговори: „Водејќи се според мерит-системот досега, Црна Гора и Албанија предничат, но кога ќе има придвижување со Северна Македонија и Северна Македонија може брзо да напредува“.

На изјавата на Кос реплицираше премиерот Мицкоски, кој потсети на ветувањата на ЕУ за брзо членство на земјава по менувањето на името.

-Имам само една забелешка, се сеќавам на ветувањата со кои сакаа да не убедат – сменете го името и во период од 4-5 години ќе станете членка на ЕУ. Им посакувам среќа на Црна Гора и Албанија, но ве молам не споделувате го нашето искуство – рече Мицкоски.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски, пак, во изјава за МРТ за содржината на средбата со неговиот бугарски колега Георг Георгиев, истакна дека разговарале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство.

-Ние сакаме процес којшто е предвидлив, којшто има јасен почеток и јасен крај. Ние како Влада нема да прифатиме под уцена или под притисок било какво решение или било каков компромис. Секој компромис треба да соодвевствува со реалноста во којашто живееме и со европските вредности за кои Европа постојано на сите нас во целиот регион ни зборува – изјави Муцунски.

Министерот рече дека со Георгиев зборувале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство.

-Зборувавме за потребата од јасен и предвидлив пат којшто е во рамките на европските стандарди и принципи. Зборувавме за потребата од примена на соодветни малцински права во соседна Бугарија, посебно во делот на потребата од примена на пресудите од Европскиот суд за човекови права. Кога Европа нас ни зборува за примена на европски вредности, соодветно е и ние да ги одбраниме нашите позиции, односно позициите на сите Македонци кои живеат во било која земја во светот, вклучително и во соседна Бугарија – нагласи Муцунски.

Муцунски и Георгиев во саботата остварија средба на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, двајцата министри разговарале за билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија и положбата на македонското малцинство во Бугарија.

-Министерот Муцунски изрази жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтеграциски процес. Притоа, тој истакна дека сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со заемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи, покрај другото, подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата – стои во соопштението на Министерството.

Шефот на бугарската дипломатија, пак, Георг Георгиев, рече дека добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграции и без нив не е возможно да се постигне членство во ЕУ, пренесе БТА.

-Градењето добрососедство бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и исполнување на обврските, изјавил бугарскиот министер за надворешни работи Георгиев на средбата со Муцунски – соопшти бугарското МНР.

Георгиев истакнал дека „ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен“.

-Европскиот компромис од 2022 година вклучува комплекс на мерки и нивното целосно спроведување е единствениот пат напред. Вклучувањето на Бугарите, на рамноправна основа со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чие спроведување ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство – рекол Георгиев, исакнувајќи дека не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори.

Евроамбасадорот Михалис Рокас во петокот изјави дека уставните измени се факт, но да се даде шанса на дипломатските активности.

-Свесни сме дека ова е прашање што актуелната влада сака да го реши со одредени гаранции и уверување дека нема да има билатерализација на процесот. Верувам дека треба да и дадеме простор на дипломатската активност која е во тек и да не го изгубиме фокусот – изјави во петокот амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас.