Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Општина Илинден изјави дека се исполнети условите за намалување на акцизите на горивата, при што дизелот би се намалил за 4 денари по литар, а бензините за 2 денари по литар. Тој најави дека за утре во 11 часот е закажана седница на Владата на која ќе се донесат конкретни мерки за заштита од поскапувањето на горивата, пренесе МИА.
-Берзата за нафтата се затвори во четвртокот заради велигденските празници и нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините 1,5 до два денара. Со промената на акцизите претпоставувам дека цената на дизелот во понеделник ќе се коригира за околу 3 денари. Имајќи предвид дека полека но сигурно истекува попустот што го дава Окта од 3 денари за дизелот ќе ги обновиме разговорите со нив за да видиме дали ќе го продолжат попустот и понатаму. Доколку го продолжат понатаму ќе нема зголемување за дизелот од максималната цена што ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика. За бензините значи дека ќе поевтинат околу половина денар и доколку Окта го продолжи попустот од два денара за литар тоа значи дека ќе имаме повторно намалување за 2,5 денари на цената на бензините – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека намалувањето на акцизите ќе има значително влијание врз државниот буџет, при што ефектите се проценуваат на десетици милиони евра. Сепак, според него, во буџетот има доволно средства благодарение на, како што рече, домаќинското работење.
Премиерот најави и дека за уште две недели ќе продолжи мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти. За понатамошниот период, како што посочи, Владата ќе ја следи состојбата и ќе реагира навремено со нови мерки доколку има потреба.
































