Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на самитот на Европската народна партија во Брисел, каде што лидерите дискутираа за клучни прашања поврзани со иднината на Европа.

Во објава на социјалните мрежи, Мицкоски посочи дека самитот бил значајна можност за размена на идеи, искуства и визии, нагласувајќи дека атмосферата била исполнета со соработка и заедничка посветеност кон европските вредности.

– Денес имав чест да присуствувам на самитот на ЕПП, каде што заедно со европски лидери се дискутираа клучни прашања за иднината на континентот. Ова беше одлична можност за продлабочување на партнерствата и за зајакнување на улогата на Македонија во европските процеси – напиша Мицкоски.

Премиерот оцени дека ваквите средби придонесуваат за градење посилна Европа и подобра иднина за сите граѓани.

Инаку, Мицкоски заедно со делегација од ВМРО-ДПМНЕ вчера присуствуваше и на свеченоста по повод 50-годишнината од формирањето на ЕПП.

Во рамки на посетата на Брисел, тој оствари и билатерална средба со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека посетата ќе биде искористена и за дополнителни средби со претседатели, премиери и политички лидери од европското десноцентристичко семејство.