Фото: Собрание

Во Собранието на Македонија денеска се одржува редовниот годишен состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, во кој членуваат шефовите и заменик-шефовите на националните парламентарни делегации. Состанокот со свои обраќања го отворија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и шефот на Делегацијата Драган Ковачки.

Премиерот Мицкоски, осврнувајќи се на трагедијата во Кочани, истакна дека државава многупати ја докажала својата солидарност со други држави, но од друга страна не секогаш нашата татковина го добивала она што го очекувала.

– Нашата татковина во многу наврати ја докажа својата солидарност со останатите држави во светот. И во својот трнлив пат до целта направи многу отстапки, многу одрекувања, и многу од нив наидоа на дебата кај граѓаните, некои внесоа оправдано сомневање, но истраивме и ја покажавме својата лојалност кон вредностите кон кои и понатаму веруваме. Од друга страна не секогаш нашата татковина го добивала она што го очекувала, и таквата лојалност спрема нашите заложби се исполнувала. Тоа е чувството кое го има секој еден кон нас и секој еден граѓанин. Мислам дека е важно да се знае ова, ниту пак треба да се сокрие ова горко чувство кај секој еден Македонец – нагласи Мицкоски.

Премиерот исткана дека треба да се размисли за воведување механизми каде нема да се дозволи билатералните спорови да бидат пречка во остварувањето на колективната и заедничка цел.

– Пријатели си помагаат, но и пријатели искрено си ги кажуваат своите чувства и забелешки. Сметам дека треба да се размисли и за воведување механизми каде нема да се дозволи билатералните спорови да бидат пречка во остварувањето на колективната и заедничка цел. Ако ние сите заедно ја чуваме куќата, тогаш и заедно имаме право да си ги кажеме нашите проблеми, разочарувања и очекувања. Ние ќе останеме лојален партнер, и заедно и посветено ќе работиме кон остварувањето на колективните цели – рече Мицкоски.

Според него, трагедијата во Кочани покажала дека солидарноста не е само збор, туку и дело што ги поврзува народите.

– Девет европски држави понудија помош веднаш по трагедијата во Кочани. Европската Унија пак, преку Механизмот за цивилна заштита координираше медицински евакуации на повредените до специјализираните болници во регионот. Оваа трагедија ни покажа дека солидарноста не е само збор, туку дело што ги поврзува народите – подвлече Мицкоски.

Во изминатите пет години, додаде тој, значително ја подобривме интероперабилноста на нашите вооружени сили со оние на другите сојузници.

– Работиме на подобрување на стратешкото планирање, цивилната контрола врз армијата, модернизацијата на опремата и транспарентноста во управувањето со одбранбените ресурси. Обуките се одвиваат според НАТО-доктрини, а новите институционални механизми нè прават поотпорни на хибридни закани. Сето тоа е одраз на нашата политичка волја и консензусот дека безбедноста и интегритетот на државата се врвен приоритет. Иако сме горди на постигнатото, свесни сме дека патот не завршува тука. Хибридни и сајбер закани, дезинформации, климатски кризи-сите тие бараат постојана адаптација и координација – посочи премиерот.

Мицкоски истакна дека регионалната соработка е клучна за стабилноста на Балканот. За нас тоа претставува одговорност и прилика да биде мост меѓу народи, меѓу институции, меѓу визии.

– Преку иницијативи како Јадранската повелба и билатерални партнерства со соседните држави, вложуваме во безбедност што не познава граници. Веруваме дека Балканот може и треба да биде пример за решавање на разлики преку дијалог и заемна почит – рече премиерот.

Министерот за одбрана Мисајловски рече дека состанокот на Постојаниот комитет, кој за прв пат се организира во Македонија, е силен сигнал на единство и потврда за нашите досегашни одлуки за зајакнување на сојузничката соработка, транспарентноста и парламентарната демократија.

– Пратениците се витален линк помеѓу претставниците на сите 32 парламенти и сме им благодарни за сета работа и посветеност во одбраната на заедничките цели и интереси. Остануваме посветени на стабилното инвестирање во одбраната, со издвојување на 2 проценти од бруто-домашниот производ и над 32 проценти од нив за една од најважните ставки – опремувањето и модернизацијата на Армијата, со што ја зацврстуваме националната и колективната одбрана – рече Мисајловски.

Министерот рече дека НАТО е идеал што се темели на тоа дека само ако сме заедно и здружени, можеме да го одбраниме и зацврстиме нашиот начин на живот, истакна министерот, меѓу другото, во говорот во Собранието.

– Кога целата нација беше во шок, првите повици за сочувство, но и солидарност и поддршка дојдоа токму од моите колеги – министри за одбрана од сојузничките земји. А, за мене нема поголем доказ дека не сме сами. Ние имаме 31 сојузник, имаме вистински пријатели на кои можеме да им се обратиме за помош. Тоа е НАТО. Тоа е сојузништво. Тоа е нераскинливата врска која од 32 земји во Алијансата прави една обединета сила – рече Мисајловски.

Шефот на делегацијата Ковачки, отворајќи го состанокот, истакна дека oвој собир има посебно значење бидејќи ја одбележуваме петгодишнината од нашето членство во Алијансата.

– Во текот на овие пет години, нашата нација остана посветен сојузник, активно споделувајќи ги одговорностите и придонесувајќи за промовирање на мирот, безбедноста и стабилноста во нашиот регион и низ просторот на НАТО – рече Ковачки и изрази благодарност за трагичниот настан во Кочани, наведувајќи ги сојузниците кои реагираа брзо, обезбедувајќи критична помош која спаси многу животи.

Посочи дека цивилизираниот свет минува низ многу специфични промени и неизвесности и од тие причини единството во Алијансата е неопходно повеќе од кога било. Посака успешен тек на состанокот.

Претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело и честиташе на земјата за нејзиниот јубилеј – 5 години членство во НАТО, со кое како што потенцираше, се зајакна безбедноста на земјата, но и на Алијансата.

– За 5 години, Северна Македонија покажа дека е вреден и доверлив сојузник, кој ја исполнува целта за трошење на БДП од 2 отсто, придонесува за одбрана на источното крило, во Бугарија и во Латвија, сојузник кој ја поддржува стабилноста на Западен Балкан преку својот придонес во КФОР и сојузник кој го поддржува суверенитетот и самоодбраната на Украина – наведе Перестрело.

Во својот говор ја спомна и солидарноста на НАТО за трагичниот пожар во Кочани, кога петнаесет сојузници дадоа директна поддршка за земјата, вклучитлено и помош во медицинската евакуација. Заклучи дека во периодот кога прославуваме 75 години од постоењето на Алијансата и 70 години од постоењето на Парламентарното собрание на НАТО, треба да бидеме подготвени за одговорност и акција имајжи ги во предвид комплексниот број на закани и предизвици, кои налагаат за сите нас поголемо обединување и зајакнување на нашите капацитети.

По завршување на воведниот дел, состанокот продолжува во затворен формат.

Постојаниот комитет е највисокото раководно тело, чии седници се одржуваат засебно секоја пролет и вообичаено, пред пролетната и годишната пленарна сесија на Парламентарното собрание на НАТО. Во него покрај Претседателот, потпретседателите и благајникот, членуваат шефовите на парламентарните делегации од националните парламенти на земјите членки, како и претседателите на Комитетие и на Специјалната група за Медитеранот и Блискиот исток, кои се екс-официо членови на ова тело. Согласно правилата за работа на Парламентарното собрание на НАТО и доколку не се одлучи поинаку, работниот дел на овие состаноци е од затворен карактер. Одлуките на Постојаниот комитет секогаш претходат на одлуките кои се носат на пленарните седници на Парламентарното собрание на НАТО.