Владата денеска на седница ќе донесе одлука за нов државен јавен обвинител, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
-За кратко денеска ќе имаме владина седница, и на таа владина седница јавноста ќе знае кое ќе биде името на идниот јавен обвинител или обвинителка, така што ќе биде доставено до Парламентот – изјави Мицкоски по увидот во изградбата на пречистителната станица во населеното место Кучевишка Бара, Општина Чучер Сандево.
На огласот на Собранието за државен јавен обвинител се пријавија пет кандидати – актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ.
Советот на јавните обвинители на 17-ти минатиот месец даде позитивно мислење за четворица од петтемина кандидати – за Тополова-Исајловска, Ристовска, Савевски и Раичевиќ. За кандидатурата на Владимир Панчевски, пак, едногласно беше утврдено дека не ги исполнува законските услови во однос на потребниот работен стаж – пренесе МИА.
Премиерот Мицкоски во интервју за ТВ „Канал 5“ на 25 февруари изјави дека од четирите кандидати со позитивно мислење од Советот на јавните обвинители, на владината листа се три имиња, меѓу кои не е поранешната обвинителка од СЈО, Ленче Ристовска.
По оставката на Љупчо Коцевски, кој во декември минатата година поднесе неотповиклива оставка, функцијата ја презеде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител. Таа беше единствен кандидат за оваа позиција, но согласно законските одредби не може да ја извршува функцијата подолго од шест месеци.
Според Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која потоа бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите пријавени кандидати. Советот е должен во рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку за ниеден кандидат не биде дадено позитивно мислење, Владата не може да утврди предлог и треба да му предложи на Собранието распишување нов оглас. За избор на новиот државен јавен обвинител потребни се 61 глас од пратениците.
































