Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска во Лондон се сретна со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Страмер.
– Во рамките на посетата на Самитот за Западен Балкан, остварив средба со британскиот премиер, г. Кир Стармер. На средбата разговаравме за продлабочување на билатералната соработка и поддршката на Обединетото Кралство на земјите од регионот. Главата цел е Берлинскиот процес, односно средбите на највисоко ниво кои се одржуваат во текот на денот. Берлинскиот процес го организира лично премиерот Кир Стармер и сериозно сме посветени на реализација на Договорот Влада со Влада – објави премиерот Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Во рамките на престојот во Лондон, премиерот Христијан Мицкоски претходно имаше средба и со британскиот крал Чарлс III.
– Разговаравме за пријателството помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, за стабилноста, развојот и заштитата на природата, области на кои Кралот со години им посветува големо внимание. Оваа средба е признание и почит, но и поттик да продолжиме по патот на заедничките вредности, довербата и партнерството – напиша Мицкоски на фејсбук.
Во владината делегација што ја предводи премиерот Мицкоски во британската престолнина се и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска и министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани.