Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, да извлече поука и наместо да се заканува со излегување на улица, да се фокусира на структурни реформи во својата партија. Изјавата на Ахмети денеска ја коментираше и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на македонија (СДСМ), Венко Филипче. Тој рече дека правото на протест е уставно загарантирано право, но не смета дека тоа треба да биде злоупотребено во политички цели.

Мицкоски го советуваше Ахмети, „ако е мудар како што се претставува“, да направи програмски и кадровски промени, да понуди нови ликови и нова програма, за да ја врати довербата на граѓаните.

Оваа реакција на премиерот следи по изјавата на Ахмети дека ќе излезе на улица, особено ако биде обвинет поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.

-Го слушнав тој брифинг на Ахмети и врз основа на тоа можам да извлечам два заклучока, првиот е да дадам еден совет, а тоа е да гледаме во иднината, а не во минатото. За жал, господинот Ахмети изгледа се уште живее во минатото, зашто ако живее во сегашноста, ќе може да направи огромна материјална разлика меѓу минатото и луѓето од минатото и сегашноста во која тој е во опозиција, а околу него има многу милионери кои на грбот на македонските граѓани се збогатија и тоа е основната причина зашто е тој во опозиција – истакна Мицкоски.

Премиерот потсети дека за помалку од пет месеци започнува кампањата за локалните избори, кои ќе покажат кои политички партии, градоначалници и советници ја заслужуваат довербата на граѓаните. Резултатите од овие избори ќе бидат клучни за одлуката за евентуални предвремени парламентарни избори.

-Граѓаните ќе кажат која политичка партија ја заслужува довербата, а која не, кои градоначалници и кои советници, па врз основа на тие резултати понатаму може да носиме заклучоци дали ќе има предвремени избори или не – нагласи Мицкоски.

Филипче рече дека правото на протест е уставно загарантирано право, но не смета дека тоа треба да биде злоупотребено во политички цели.

Филипче додаде и дека партијата веќе го започнала процесот на разговори и пронаоѓање партнери за следниот период, за циклусот на локални избори и рче оти еден дел од преговорите постепено веќе се заокружуваат, други траат, а трети допрва ќе почнат.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети пред два дена рече дека доколку ескминистерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, тој ќе излезе на улица и нема да се врати додека не испровоцира со локалните да се одржат и предвремени пармалентарни избори. Тој посочи дека во секој момент како од шега може да извади на улица 10 илјади поддржувачи на ДУИ, кои би протестирале секоја недела.