Премиерот Христијан Мицкоски вечерва откри дека дел од истрагата за криминални дејствија во Државна лотарија се уште неколку други лица од поранешната Влада.
– Постојат и такви информации, дека и други високи функционери се дел од оваа истрага. Министерството за внатрешни работи заедно со Јавното обвинителство постапува по овие случаи врз основа на доказите со кои располага за кои постои основано сомневање дека овие лица направиле големи кривични дела – рече Мицкоски во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Премирот за разбиената терористичка група на подрачјето на Гостивар и Струга нагласи дека ќелијата подготвувала терористички напад, не само во земјата, туку и пошироко. Посочи дека била разбиена заедно со партнерите.
– За оваа ќелија постоеше основано сомнение дека се подготвуваат напади кои имаат цели во државата, би рекол терористички напади, и ова е една од многуте ќелии кои се активни во регионот. Но таа е сега обезбедена и елиминирана барем кај нас. Претпоставувам дека другите држави ќе бидат оперативни во деновите кои следат и ќе ги елиминираат. Заедно со нашите партнери ја неутрализиравме – рече тој.
Мицкоски ги коментираше полициските акции кои се одвиваа изминативе неколку дена во државата, при што се уапсени десетици лица кои се товарат за повеќе тешки кривични дела. За една од акциите на МВР која ја коментираше премиерот, е акцијата за криминални кланови која била со години присутна во државата, група која е поврзана со многу сторени криминални дела, меѓу кои и убиства.
– Полициската акција против криминални структури кои што изминативе години, децении би рекол се присутни низ градовите во државава, односно станува збор за група која што има основани сомненија дека се поврзани со многу сторени криминални дела меѓу кои и убиства – рече тој.
Мицкоски додаде дека според информациите со кои располага, со оваа полициска акција расветлени се 7 убиства во Македонија.
– Можам да кажам дека врз основа на доказите кои што се прибавени станува за најсложена полициска акција во историјата на Македонија и акција која што ќе обелодени и ќе разјасни убиства кои што се случени изминатите години. До овој момент јас располагам со информација дека се расветлени 7 убиства сторени од оваа група – одговори премиерот Мицкоски.