Претседателот на Владата Христијан Мицкоски ја посети општина Јегуновце каде со градоначалникот Димитар Костадиноски направија увид во неколку инфраструктурни проекти. Прво ја посетија новоизградената градинка во Вратница, стадионот и центарот на Јегуновце и на крајот мега паркот во изградба во Сиричино.
– Градинката во Вратница ја отворивме пред три месеци и можам да кажам дека Општина Јегуновце е една од општините каде што нема листа на чекање за деца во градинка. Имаме изградба на атмосферска канализација, заедно со тротоар и канделабри во населено место Јегуновце, со што сега доликува центарот на општината да биде на ниво коешто го заслужуваат и самите граѓани од Јегуновце. Го посетиме и фудбалското игралиште, каде пред три години ја отворивме фудбалската школа заедно со наставниците, ја реновираме и соблекувалната каде што децата да имаат подобри услови за спорт и рекреација – истакна Костадиноски.
Во Сиричино се уредува простор кој треба да се оформи како парк со површина 12.500 квадратни метри, со поплочена патека за движење ќе биде со вкупна должина од 780 метри, кој ќе биде ограден, со можност за влегување од четири места. Покрај зеленилото предвидено е да се посадат над 300 дрвја.
– Сега се наоѓаме на еден многу значаен проект кој зборува може децении наназад токму во населено место Сиричино, едно од најубавите села во Општина Јегуновце, кое се наоѓа на влезот на самата општина која е многу блиску до Скопје и до Тетово, кој многу доста посетено по рестораните и затоа на ова место се одлучиме да направиме еден мега парк кој можел да се пофалам не дека е парк само за Општина Јегуновце ќе биде парк и за Полошкиот регион – истакна Костадиноски.
Премиерот Мицкоски рече дека тоа што го виделе во Општина Јегуновце е импресивно.
– Но, ова е само дел од тоа што Диме како градоначалник заедно со администрацијата, заедно со советниците, заедно со пратениците и од Јегуновце, но и од полошкиот регион го прават за Општина Јегуновце. Во периодот којшто следи како што кажа и градоначалникот ќе имаме и уште дополнително проекти коишто ќе бидат финансирани од буџетот на државата, но истовремено и од буџетот на општината. Очекувам овој градежен „бум“ да продолжи со што ќе се подобрат условите за живот, ќе се поткрене нивото и стандардот на граѓаните. Убеден сум дека само со посветена, чесна, напорна работа се постигнуваат резултати. Се останато е политикантство. Ние не сме тука за да водиме политикантство, ние сме тука за да работиме за интересот на граѓаните – рече Христијан Мицкоски.
Тој истакна и дека очекува Костадиноски кој е предложен за градоначалник на изборите да добие нов четиригодишен мандат и дека ќе бидат реализирани и други проекти.