Годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Според него, ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци, а Владата активно делува преку чести контроли на инспекциските служби.
Во тој контекст, премиерот најави засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
– Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. Ние веќе неколку месеци испраќаме контроли. Има ланец маркети кои се соочија со казни. За некои од ланците веќе имаме докази и ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата – рече премиерот.































